• недела, 12 мај 2024

Бундестагот го бара „предавникот“ кој на медиумите им ги откри тајните протоколи за злосторствата во Буча, во Украина

Бундестагот го бара „предавникот“ кој на медиумите им ги откри тајните протоколи за злосторствата во Буча, во Украина
Берлин, 14 април 2022 (МИА) - Германскиот Бундестаг го бара „предавникот“, кој на медиумите им откри тајни протоколи за злосторства во Буча во Украина. Претседателката на Одборот за одбрана, Мари Агнес Штрак - Цимерман поднесе кривична пријава против непознати лица за откривање државни тајни од строго доверлива седница, пишува „Фокус“. Станува збор за протоколи за прислушување, што според германски експерти, ја докажуваат одговорноста на руските војници за масакрот над украинското население во Буча. Во собирањето податоци биле вклучени и две странски партнерски служби, што сега стравуваат поради доверливоста на информациите. Германската служба БНД пресретнала комуникација во рамките на руската војска и го документирала детално убивањето украински цивили. Од тие протоколи произлегува дека руските војници се фалеле со убиство на постар Украинец, кој возел велосипед, но, зборувале и за бруталните злоставувачки методи. Се докажува и тоа дека ѕверствата се наредени со цел да се предизвика страв кај цивилите. Минатата недела, БНД ги достави своите протоколи до надлежното собраниско контролно тело, а копии беа проследени до Одборот за одбрана и Одборот за надворешни работи. Се верува дека „предавникот“ мора да е од овие одбори, пишуваат медиумите. Откако германски медиуми објавија за прислушување, руската војска ги затвори контролираните комуникациски канали. Круговите на НАТО критикуваат дека протекувањето во Бундестагот предизвикало штета, бидејќи бил затворен понатамошниот пристап до руските воени информации. бд/сд/

Остани поврзан