• петок, 20 декември 2024

Бугарско МНР: 23 јуни не е крајниот рок до кој Бугарија треба да одговори на „францускиот предлог“

Бугарско МНР: 23 јуни не е крајниот рок до кој Бугарија треба да одговори на „францускиот предлог“
Софија, 22 јуни 2022 (МИА) - Крајниот рок до кога Бугарија треба да одговори на предлогот на француското претседателство за деблокирање на европскиот пат на Северна Македонија не е 23 јуни и тоа може да се случи во друг формат до истекот на претседавањето на Франција со ЕУ, односно до крајот на месецот, се наведува во Извештајот на бугарското Министерството за надворешни работи од 20 јуни доставен до Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија. Како што јави БНР, Министерството ги информира пратениците дека т.н. „француски предлог“ создава „поволни услови за одбрана на бугарскиот национален интерес“. До Парламентот се испратени нацрт-протокол од претстојниот втор состанок на заедничката Меѓувладина комисија на Бугарија и Северна Македонија, извештај за текот на билатералните односи и предлогот на преговарачката рамка за земјава со ЕУ. Според бугарското МНР, со Скопје не е постигнат договор за текст со кој се предвидува првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Северна Македонија во својот Устав ќе ги вклучи „оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ“. Наместо бугарскиот предлог, се посочува во Извештајот, Скопје инсистира „вклучувањето на Бугарите како државотворен народ“ да се постави како услов за отворање на првиот кластер „Основни принципи“ во преговарачкиот процес. Во Извештајот до Парламентот, Министерството наведува и дека е клучно протоколот да биде потпишан и одобрен од владите во Софија и Скопје, пред Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ со земјава. - Не е реално да се очекува сите земји членки на ЕУ да го поддржат ставот на нашата земја за македонскиот јазик, наведува бугарското МНР, посочувајќи дека ваквиот став произлегува од сите разговори што се водени на европско ниво во последните три години. вг/сп/

Остани поврзан