Бугарскиот патријарх Даниил отслужи помен за упокоените во трагедијата во Кочани
- Бугарскиот патријарх Даниил денеска во соборниот храм „Света Недела“ во Софија отслужи трисагија (помен) за загинатите во пожарот во Кочани, а потоа и маслосвет за брзо исцеление на повредените.

Софија, 17 март 2025 (МИА) - Бугарскиот патријарх Даниил денеска во соборниот храм „Света Недела“ во Софија отслужи трисагија (помен) за загинатите во пожарот во Кочани, а потоа и маслосвет за брзо исцеление на повредените.
На службата присуствуваше и амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси, јави БТА.
- Тагуваме заедно со народот на Северна Македонија во овие денови на жалост за загубата на сите луѓе кои загинаа во Кочани. Се молиме за покој на нивните души и изразуваме искрено и најдлабоко сочувство за вашата несреќа. Исто така и за Божјата помош и поддршка на сите кои ја преживеаја оваа трагедија, но се повредени и со изгореници, рече патријархот Даниел.
Според неговите зборови, „живееме во денови на искушенија, особено сега, за време на Великиот пост, и обично во тоа време ѓаволот напаѓа со уште поголема сила, да предизвика уште повеќе немири, тага, смут, но ако го прифатиме она што се случува како повод за покајание, за поголемо внимание, тогаш Господ неминовно ќе ја претвори оваа трагедија во извесна корист и спасение“.
- Бог да ги охрабри настраданите, се молиме за нивно исцелување, како и за нивните најблиски да го поднесуваат со трпение и без горчина она што се случи и да добијат утеха и сила да го надминат оваа искушение, порача поглаварот на Бугарската правослвна црква.
Бугарскиот патријарх Даниил вчера телефонски разговорал со архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан при што изразил сочувство по повод трагичниот настан во Кочани во кој загинаа над 50 лица, а над 150 се повредени.са/ев/
Фото: БТА