• петок, 22 ноември 2024

Бугарскиот Парламент ги усвои во прво читање измените во државниот буџет за 2021 година

Бугарскиот Парламент ги усвои во прво читање измените во државниот буџет за 2021 година
Софија, 27 август 2021 (МИА/БТА) - Парламентот, со 130 гласа, ги усвои во прво читање измените во државниот буџет за 2021 година. „Против“ беа 45 пратеници од ГЕРБ-СДС, а 20 од ДПС беа воздржани. Со цел да се справи со негативното влијание на Ковид-19 врз економијата, предвидено е да се обезбедат средства за помагање на бизнисот и за програми за вработување во износ до 400.000.000 лева (околу 200 милиони евра). Средства до 222.400.000 лева се издвоени за мерки и социјални расходи со цел да се спречат социјални тензии во сложената епидемиска и економска состојба во земјата. Одвоени се 85.600.000 лева за покривање на трошоците за целни субвенции за греење со очекуван раст од околу 17 проценти од бројот на потрошувачи за сезоната 2021/2022 година со одреден месечен износ на помош од 104,71 лева (околу 50 евра), како и за зголемувањето на цената на енергијата, заклучно со 1 јули 2021 година. Обезбедени се 72.000.000 лева за трошоци според механизмот за лична помош според Законот за лична помош, со просечен месечен број на корисници од 36.500 луѓе. За Министерството за здравство се предлага да се издвојат во централниот буџет за оваа година дополнителни финансиски средства до 200.100.000 лева за да се обезбедат здравствени мерки поврзани со надминување на пандемијата. Од нив, 46.500.000 лева се за набавка на дополнителни 1.533.037 дози вакцини во согласност со Националниот оперативен план за справување со пандемијата на Ковид-19; 118.900.000 лева за поддршка на персоналот од првата линија, директно ангажирани во активности за спречување на ширење на вирусот, за вакцинација против Ковид-19 на неосигурени лица; 14.700.000 лева за набавка на медицинскиот производ  Ремдесивир; 7.500.000 лева за обезбедување моноклонални антитела за третман на Ковид -19 според заеднички постапки за набавка на Европската комисија; 12.500.000 лева за создавање резерва на лекови за медицински установи за третман на системски воспалителен одговор и протромботични состојби настанати како резултат на Ковид-19 кај хоспитализирани пациенти.  Со одобрување дополнителни расходи според централниот буџет во износ до 133.000.000 лева се обезбедуваат средства за сите примарни буџетски менаџери поврзани со изборниот процес на претседателските избори во два круга. Тие ќе бидат одобрени од Советот на министри со посебна сметка. Во системот на Министерството за внатрешни работи се обезбедени до 45.000.000 лева за покривање на недостигот на средства за персоналот. Средства до 100.000.000 лева се доделени за Министерството за регионален развој и јавни работи за тековни поправки и одржување на националната патна мрежа, приоритетните делници на патиштата кои имаат потреба од итни активности за поправка. Средства во износ до 16.300.000 лева се обезбедени за плаќање на износите што се должат при извршување на судските одлуки од 2021 година. За поддршка на авиопревозниците се предвидени до 30.000.000 лева. Со Предлог -законот, исто така, се предвидени промени во буџетските односи - трансфери - на државниот буџет во вкупен износ од 152.700.000 лева - 0,1 проценти од проектираниот БДП.

Остани поврзан