Бугарската писателка Маја Панајотова за МИА: Ја сакам Македонија и имам песна за моето сакано Скопје, во него сум вљубена
- „Сум била во Лондон и во Париз, каде што светот нè слави и нè почитува. Но, Скопје ми го зеде срцето и се вљубив во него! Одам по мостови со прекрасни луѓе, а луѓето на улиците се пријателски расположени, љубезни и уживам во сонцето, просторот, птиците што се гнездат во него…“
Скопје, 2 февруари 2026, (МИА)
Бранка Д. НАЈДОВСКА
Маја Панајотова (1951 година) е бугарска поетеса, преведувачка и славистка, која поголемиот дел од својот живот и професионална кариера го минува во Белгија. Студирала словенска филологија во Бугарија, а во 1972 година се мажи за белгискиот славист Рејмонд Детрез и се преселува во Белгија, каде што подоцна предава бугарски јазик и литература на универзитетите во Гент и Левен.
Покрај академската работа, Панајотова гради и препознатливо поетско творештво пишувајќи и на бугарски и на холандски јазик. Нејзиното книжевно деби на холандски е поетската збирка „Премолчено алиби“ (1983) по која следуваат книгите „Софија останува мистерија“ и изборот „Пејзажот на еден човек“ (2016).
Во нејзините стихови се преплетуваат личното искуство, сеќавањето, просторот и чувството на припадност, а животот помеѓу две култури станува тивка, но постојана тема. Денес, Панајотова се смета за авторка која природно го поврзува бугарскиот книжевен контекст со западноевропската поетска сцена. Таа е и една од омилените бугарски автори што гостуваат во Северна Македонија.

Родени сте и образовани во Бугарија, а со децении живеете и работите во Белгија. Каде денес се чувствувате дома? Дали поезијата има своја татковина?
- Родена сум во Бугарија и живеам во Белгија, каде што предавав бугарски јазик и литература на два универзитета. Поголемиот дел од годината го поминувам во Бугарија, каде што културниот живот е побогат и поинтересен. Но, татковината на поезијата е целиот свет!
Како преселбата во друга културна и јазична средина влијаеше врз Вашиот поетски глас?
- Драго ми е што во Белгија ме прифатија и објавија антологија на светски љубовни песни со наслов: „Од Платон до Панајотова“.
Дали се чувствувате како бугарска поетеса што пишува на холандски или како европска поетеса без строги граници?
- Кога пишувам на холандски јазик, се чувствувам поограничено, но немам строги граници. Кога поет пишува на странски јазик, поезијата добива повеќе читатели, но губи некои силно изразени чувства. Чувствителноста е основата на поезијата. Таа ја провоцира поезијата.
Колку истиот мотив звучи поинаку на бугарски отколку на холандски?
- Па на бугарски јазик звучи поискрено, самиот словенски јазик му дава поголема топлина.
Што е потешко: да преведете поет на бугарски или Вашата поезија на странски јазик?
- Кога преведувам странска поезија, се грижам за точната содржина и, секако, таа да звучи во рима и ритам. Кога ја преведувам мојата поезија на друг јазик, изразувам чувства што се преплетени со другата поезија.

Каква е Вашата соработка со македонските фестивали, колеги и институции?
- Учествував на прекрасниот фестивал на поезија Струшки вечери на поезијата, а и на фестивалот на поезија во Тетово... Имам голема почит кон сите поети во светот што ги познавам. Бев многу среќна што учествував на Струшките вечери! Прекрасна организација! Крајно почитување за учесниците!
Единствена и многу трогателна е и почитта кон починатите поети изразена преку дрвја што ги носат нивните имиња. Бев трогната до солзи кога го видов дрвото именувано по Љубомир Левчев и Хусто Хорхе Падрон.
Имам длабока почит и кон Шаип Емерлаху, кој го организира фестивалот на поезија во Тетово! Сум била во Лондон и во Париз, каде што светот нè слави и нè почитува. Но, Скопје ми го зеде срцето и се вљубив во Скопје! Одам по мостови со прекрасни луѓе, а луѓето на улиците се пријателски расположени, љубезни и уживам во сонцето, просторот, птиците што се гнездат во него... Ја сакам Македонија и имам песна за моето сакано Скопје:
И секојпат кога сум со тебе,
ти велам „Драго Скопје, здраво!
Ти си поезија, Скопје, за мене!
За мене, најживиот музеј!
Во Македонскиот културен центар во Софија има многу интересни културни настани. Таму се сретнав со македонски поети, писатели, уметници... Амбасадорот на Македонија ми е драг пријател.
Што да очекуваме ново од Вас?
- Подготвувам нова збирка песни на бугарски и на холандски јазик. Клучна песна е песната за моите родители, која ги трогнува децата и возрасните кога ја читам пред публика.
Кое е најпријатното изненадување што Ви го приредило Вашето творештво?
- Бев многу изненадена кога ми кажаа дека мојата песна против расизмот се пее во белгиска црква! бдн/дј
Фото: приватна архива