• петок, 22 ноември 2024

Бугарија оди на предвремени избори, Социјалистите не успеаја да формират влада

Бугарија оди на предвремени избори, Социјалистите не успеаја да формират влада

Софија, 20 јануари 2023 (МИА) - Бугарите напролет ќе излезат на парламентарни избори по петти пат во две години, откако социјалистите денеска се откажаа од плановите за формирање нова влада.

Социјалистите, кои имаа трета и последна шанса да формираат влада по изборите без победа на 2 октомври, рекоа дека направиле сериозни напори да добијат поддршка поставувајќи јасни национални приоритети, но не успеаја.

„Баравме решение за да ја извлечеме земјата од бројни кризи, а пред се од политичката криза“, изјави лидерот на социјалистите, Корнелија Нинова.

„Ги разгледавме можностите и решивме да му го вратиме мандатот на претседателот. Сега одиме на избори“, изјави таа.

Двете најголеми политички партии - централно-десничарската ГЕРБ и антикорупциската ПП, претходно не успеаја да формираат владејачка коалиција по добивањето на мандатот за формирање влада.

Отсуството влада ќе влијае врз плановите на Бугарија за приклучување кон еврозоната во 2024 година, ќе ги одложи потребните антикорупциски реформи и веројатно ќе спречи ефективна реализација на милијарди евра од фондовите на ЕУ.

Бугарија, најсиромашната членка на ЕУ, е политички нестабилна од големите антикорупциски протести во 2020 година. Оттогаш, балканската земја главно е управувана од преодни, технократски влади бидејќи нема стабилни коалиции.

Нинова денеска ги повика лидерите на шест други политички партии да се обединат околу четири национални приоритети, вклучително и ефикасно користење на помошта од Европската унија, но се појавија само лидерите на ГЕРБ, партијата на етничките турци МРФ и националистичката „Бугарски подем“.

Претседателот Румен Радев мора да го распушти парламентот и да распише избори во рок од два месеца. аб/

Остани поврзан