• четврток, 26 март 2026

Бугарија и Виетнам усвоија декларација за подигнување на односите меѓу двете земји на ниво на стратешко партнерство

Бугарија и Виетнам усвоија декларација за подигнување на односите меѓу двете земји на ниво на стратешко партнерство

Софија, 23 октомври 2025 – Денеска додадовме нова динамика во односите помеѓу Виетнам и Бугарија со усвојување на декларација за нивно подигнување на ниво на стратешко партнерство, изјави претседателот Румен Радев по средбата со генералниот секретар на Виетнамската комунистичка партија, То Лам.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Според претседателот, ова е чин што ги крунисува децениските заеднички напори на двете земји за продлабочување и проширување на плодната соработка. Декларацијата што ја усвојуваме денеска е придонес на Бугарија кон активните напори на Виетнам и стремежот кон стратешко партнерство со Европската Унија, рече и Румен Радев.

То Лам е во посета на Бугарија на покана на шефот на државата и се одржува во контекст на 75-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји. Посетата на Бугарија е дел од европската турнеја на виетнамскиот лидер. На крајот на 2024 година, претседателот Радев престојуваше во официјална посета на Виетнам.

За време на минатогодишната посета, со То Лам си поставивме конкретни чекори што ги гледаме во конкретни димензии во документите што ги усвојуваме и потпишуваме денеска, рече Радев. 

Оваа година славиме 75 години од воспоставувањето дипломатски односи. За нас, Виетнам не е само важен, приоритетен партнер во регионот на Југоисточна Азија, туку и земја со која нè поврзуваат силни историски врски на долгогодишно пријателство, меѓусебна помош и почитување. Здравата основа на односите во голема мера е диктирана од придонесот на оние над 30.000 виетнамски граѓани, кои пред децении добија образование, професионални квалификации и можност да работат во Бугарија. Тие продолжуваат да бидат одржлив, силен мост меѓу нашите земји и народи, коментираше претседателот.

Забележавме одржлив раст во нашите трговски и економски односи, но и огромен потенцијал, што сè уште не е искористен, рече Радев. 

Шефот на државата го истакна „импресивниот развој на Виетнам“. Исклучително ефикасните реформи за забрзан социоекономски развој, што резултираше со висок економски раст одржуван повеќе од една деценија. Само минатата година тој изнесуваше 8 проценти, рече претседателот.

Бугарија се етаблира како иновативен центар во Југоисточна Европа и нуди конкурентски предности во голем број области кои се од особен интерес за Виетнам - иновации, вештачка интелигенција, високи технологии, додаде тој. 

Подоцна, Румен Радев и То Лам ќе отворат бизнис форум во Софија посветен на можностите за соработка меѓу Бугарија и Виетнам. Претседателот посочи дека на него ќе учествуваат повеќе од 110 бугарски и виетнамски компании.

Веруваме дека постои огромен потенцијал за продлабочување на нашите односи во областа на безбедноста и одбранбената индустрија, рече Радев. 

Тој потсети дека кадетите од Виетнам студираат во Воздухопловното училиште „Георги Бенковски“ во Долна Митрополија. 

Во Виетнам, генералниот секретар на владејачката партија има најголеми овластувања. Земјата официјално нема врховен владетел и е предводена од четирите столба на власта - генералниот секретар на партијата, претседателот, премиерот и претседателот на Парламентот. Три од четирите функции моментално ги држат поранешни високи полициски службеници.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан