Бугарија/Анкета: Речиси 38 отсто од Бугарите ја прифаќаат формулата на новиот кабинет
- Јавното прифаќање не е исто што и доверба или одобрување.
Софија, 17 јануари 2025 (МИА ) - Формулата на новоформираната влада ја прифаќаа 37,4 отсто од полнолетните Бугари, покажа експресната анкета на социолошката агенција „Мјара“, јави БТА.
Податоците се од независна телефонска анкета на социолошката агенција спроведена на 16 и 17 јануари 2025 година меѓу 800 полнолетни бугарски државјани.
Според анкетата, 21,4% имаат тенденција да ја прифатат новата формула на владата, 16,5% не ја прифаќаат, а 20,8% воопшто не ја прифаќаат.
Останатите речиси четири отсто од анкетираните тешко можат да одговорат.
Така, владата на Росен Жељазков составена од ГЕРБ-СДС, со учество на БСП и „Има таков народ“ и со поддршка на ДПС - добива првична јавна толеранција, иако мала, додаваат социолозите.
Во исто време, уделот на негативни реакции не е мал. Јавното прифаќање не е исто што и доверба или одобрување. Најпозитивни оценки има кај електоратите на партиите учеснички. Останатите, во најдобар случај, чувствуваат олеснување што е создаден некаков кабинет, додаваат од социолошката агенција.
Слична е сликата и за инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД: за 49,5 отсто од анкетираните, неговото доаѓање носи повеќе надеж, за 35,1 отсто, сепак, разочарување, а 15,4 отсто се неопределени.
Двоумењето станува сосема видливо на прашањето за војната - 47% веруваат дека Трамп всушност може да најде излез од ситуацијата со руската агресија во Украина, но 44,3% не веруваат во тоа, покажува експресната анкета. зш/