• недела, 22 декември 2024

Бугарите в недела ќе гласаат на седми предвремени избори во последниве четири години

Бугарите в недела ќе гласаат на седми предвремени избори во последниве четири години

Софија, 24 октомври 2024 (МИА) - Бугарите в недела ќе гласаат на седмите предвремени избори во последниве четири години, додека политичките партии во земјата продолжуваат да се борат за формирање стабилна коалиција, а гласачите сè повеќе ја губат вербата во резултатите, пишува денеска Хина.

Бугарија, најсиромашната членка на Европската Унија и една од најкорумпираните држави во блокот, се соочува со постојани владини промени откако протестите против корупцијата во 2020 година придонесоа за падот на коалицијата предводена од десноцентристичката партија ГЕРБ. Најновите анкети покажуваат дека нема јасен победник или очигледни опции за стабилна коалиција. Одѕивот на гласачите, кој се очекува да биде околу 30 проценти, би можел да биде најнизок од падот на комунизмот.

Гласањето ќе заврши во 20 часот, а резултатите од излезните анкети се очекуваат веднаш потоа. Конечните резултати ќе пристигнат по неколку дена.

Аналитичарите предвидуваат нови избори на почетокот на следната година доколку не се постигне неочекувано политичко партнерство или не се појави силен лидер кој ќе обедини коалиција.

- Политичкиот систем е во длабока криза, изјави Огњан Минчев, професор по политички науки на Универзитетот во Софија.

Оваа ситуација е загрижувачка за Бугарија, која има 6,4 милиони жители и која излегува на Црното Море. Нејзиното пристапување кон ЕУ во 2007 година донесе период на оптимизам, зголемен стандард на живеење и брз економски раст. Но, глобалната финансиска криза, пандемијата на коронавирусот и војната во Украина го намалија приливот на странски инвестиции. На земјата итно и треба стабилна влада за да го забрза добивањето средства од ЕУ и да го започне процесот за воведување на еврото, наведува хрватската агенција.

На последните избори, ГЕРБ освои најмногу гласови и доби 68 пратенички места во парламентот од 240, но не успеа да формира мнозинска коалиција. Следниве обиди на други партии исто така пропаднаа, што доведе до нови избори.

Според анкетата на Alpha Research, ГЕРБ води со 26,5 проценти од гласовите, реформската партија Продолжуваме со промените има 14,9 проценти, а ултранационалистичката проруски ориентирана Преродба има 14,2 проценти.

Излезноста се очекува да биде меѓу 30 и 32 проценти, значително помала во споредба со над 75 проценти во 90-тите години и околу 50 проценти пред само три години. Многу гласачи не планираат да учествуваат, но некои го гледаат гласањето како единствен излез од политичката криза. ссм/

фото: архива

Остани поврзан