• понеделник, 23 декември 2024

Бројот на жители во Германија првпат надмина 84 милиони

Бројот на жители во Германија првпат надмина 84 милиони

Визбаден, 19 јануари 2023 (МИА) – Германија на крајот на 2022 година имала најмалку 84,3 милиони жители, според прелиминарните проценки направени денеска од Федералниот завод за статистика од Визбаден, што е повеќе отколку на крајот на некоја година откако се води статистика.

Сепак, причината не е позитивен наталитет, туку рекордната имиграција.

Споредено со крајот на 2021 година, бројот на жители се зголемил за 1,1 милион луѓе, а причината е далеку поголем број имигранти во Германија од тие што ја напуштиле.

Една од главните причини е војната во Украина, бидејќи огромен број украински бегалци побарале засолниште во Германија. Според претходните податоци, само во првата половина на 2022 година во Германија дошле околу 750.000 Украинци, главно жени, деца и постари лица.

Во соопштението на Заводот за статистика се наведува дека во Германија во 2022 година дошле меѓу 1,42 и 1,45 милиони луѓе повеќе отколку што емигрирале во странство.

Тоа е над четири пати повеќе отколку во 2021 година, кога тоа позитивно салдо изнесуваше 329.163. Во исто време, тој е највисок од 1950 година.

Заедно со бегалците од Украина, значително е зголемена и доселувањето на граѓани од други земји.

Од 2014 до 2022 година, бројот на германски жители се зголемил за околу 2,9 милиони луѓе, но во исто време се намалил и бројот на жители со германско државјанство. Намален е и бројот на германски државјани на работоспособна возраст од 15 до 65 години.

Според показателите од ноември минатата година, украинските бегалци биле далеку понапред, а во периодот од 2014 до 2022 година најмногу пристигнати се регистрирани од Романија, Полска, Бугарија, Авганистан и Сирија.

Заводот за статистика денеска прецизираше дека од обединувањето на Германија пред три децении, населението речиси постојано се зголемува. рп/

Остани поврзан