Британско разузнавање: Путин врши „русификација“ на окупираните територии во Украина
- Рускиот претседател Владимир Путин почна да врши притисок врз Украинците во Русија и на окупираните територии во нивната матична земја да земат руско државјанство или да се преселат на друго место, соопштија денеска британските разузнавачи.

Лондон, 22 март 2025 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин почна да врши притисок врз Украинците во Русија и на окупираните територии во нивната матична земја да земат руско државјанство или да се преселат на друго место, соопштија денеска британските разузнавачи.
Путин во четвртокот потпиша декрет со кој се обврзуваат украинските граѓани кои живеат на територии зафатени од војна да го „решат својот правен статус“ до 10 септември или ќе бидат принудени да ја напуштат областа, според најновото разузнавање за војната во Украина од британското Министерство за одбрана.
„Целта на декретот на Путин е речиси сигурно да ги принуди украинските граѓани кои одбиваат да прифатат руски пасоши и државјанство да ја напуштат украинската територија окупирана од Русија“, се вели во извештајот објавен на „X“.
-Кремљ продолжува да спроведува политика на „русификација“ на нелегално окупираните територии во Украина како дел од „долгогодишните напори за искоренување на украинската култура, идентитет и државност од таму“, се додава во објавата.
Русија го смета за свој црноморскиот полуостров Крим, кој незаконски го анектираше пред повеќе од десет години, како и делумно окупираните региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, се наведува во соопштението. мс/
фото: ЕПА/Принтскрин „Х“