• недела, 22 декември 2024

Британската амбасадорка Галовеј донираше автомобил во Музејот на Пашлаков во Неготино

Британската амбасадорка Галовеј донираше автомобил во Музејот на Пашлаков во Неготино
Неготино, 23 мај 2022 (МИА) - Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј донираше автомобил во Музејот на Пашлаков во Неготино, информираа вечерва најблиските на поранешниот професор по биологија, за чија пасија кон старите автомобили, беше снимен и документарен филм. - Посебен ден за Музејот. Амбасадорката на Велика Британија и нејзиниот сопруг, денеска го посетија музејот со посебен подарок. После четири години поминати во Македонија, тие сега заминуваат во САД, па решија да го донираат својот олдтајмер „Остин 1800“ на нашиот клуб, соопштија Пашлакови. Тие посочуваат дека автомобил е сентиментално поврзан со семејството Галовеј, бидејќи таткото на сопругот на амбасадорката Томас работел на моторот во фабриката на „Остин“ и е произведен во истата година кога е роден тој - 1974 година. - Вечно благодарни за нивната поддршка и им посакуваме среќа во САД, се додава во соопштението. Во изјава за МИА, сопругата на Дионис Пашлаков, Грозданка, рече дека таа и нивните синови прават се што можат, конечно да заживее Музејот во кој има повеќе од 120 експонати и на кој, некогашниот професор му посвети голем дел од својот живот. - Дионис почина пред година и половина, но ние ја продолжуваме неговата мисија. Го исполнуваме неговиот аманет и се грижиме за неговите миленици на четири тркала. Тие се жив доказ за историјата, традицијата и културата на автомобилите низ годините, нагласи Пашлакова. свд/сп/

Остани поврзан