• вторник, 06 јануари 2026

Британија од денеска им ги одзема мобилните телефони на мигрантите што пристигнуваат со чамци преку Ла Манш

Британија од денеска им ги одзема мобилните телефони на мигрантите што пристигнуваат со чамци преку Ла Манш

Лондон, 5 јануари 2026 (МИА) – На мигрантите кои со мали чамци пристигнуваат во Велика Британија од денеска ќе им се одземаат мобилните телефони и СИМ-картичките, во рамки на нови мерки за сузбивање на нелегалните преминувања преку Ла Манш и борба против шверцерите на луѓе, пишува Скај Њуз.

Службениците во центарот за обработка Манстон во Кент ќе почнат со одземање на електронските уреди и со помош на технологија на лице место ќе преземаат податоци со цел прибирање разузнавачки информации за мрежите за шверц.

- Ветивме дека ќе воспоставиме ред и контрола на нашите граници, што значи справување со мрежите на шверцери на луѓе, изјави министерот за гранична безбедност Алекс Норис.

- Токму затоа спроведуваме нови закони за да ги пресретнеме, нарушиме и разбиеме овие одвратни банди побрзо од кога било и да им ги пресечеме синџирите на снабдување, додаде Норис.

- Овие оперативни мерки одат заедно со сеопфатни реформи на системот, со цел нелегалното доаѓање на мигранти овде да биде помалку привлечно и луѓето побрзо да се отстрануваат и депортираат, рече тој.

Минатата година во Британија преку Ла Манш пристигнале вкупно 41.472 мигранти, што е втора најголема годишна бројка досега забележана. Годишниот вкупен број бил за 13 отсто поголем од бројката за 2024 година, кога биле регистрирани 36.816 преминувања, и за 41 проценти поголем од вкупниот број за 2023 година од 29.437. Сепак, бројката била за девет отсто помала од рекордната 2022 година, кога биле забележани 45.774 пристигнувања.

Се очекува новите овластувања, кои произлегуваат од Законот за гранична безбедност, азил и имиграција донесен во декември, да ги забрзаат истрагите. Законот воведува и нови кривични дела, па така на сите што ќе бидат прогласени за виновни за складирање или снабдување со бродски мотори наменети за шверц на мигранти им се заканува казна до 14 години затвор.

Шверцерите кои преземаат мапи со локации на поаѓање на мали чамци или истражуваат каде да купат опрема за гумени чамци би можеле да бидат осудени на затвор до пет години. Министерот за внатрешни работи во сенка, Крис Филп, изјави дека Лабуристичката партија се ограничила на „козметички измени“, додавајќи дека не постои мерка што би ги одвратила оние кои го преминуваат Ла Манш.

Тој инсистира владата да ја напушти Европската конвенција за човекови права (ECHR) за да може да преземе ефикасни мерки, што Лабуристичката партија го отфрли, залагајќи се за реформа на договорот. јт/сд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан