• недела, 22 декември 2024

Брисел, немили сцени при презентација на Нацрт-статутот на ЗСО

Брисел, немили сцени при презентација на Нацрт-статутот на ЗСО

Белград, 2 мај 2023 (МИА) – Во Брисел на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, по усвојување на Декларацијата за исчезнати лица, за време на презентацијата на Нацрт-статутот на ЗСО имало немили сцени, бидејќи косовската делегација не сакала да ја сослуша презентацијата на Предлог-статутот на Заедницата на српските општини, јави дописникот на МИА од Белград.

Данијела Вујичиќ, координаторка на Управувачкиот тим на Заедницата на српските општини, за новинарите во Брисел изјави дека доживеала непријатност за време на презентацијата на Нацрт-статутот на Заедницата на српските општини.

-Членовите на приштинската делегација Курти и Бисљими постојано ни дофрлуваа, не ни даваа да зборуваме, се потсмеваа и беа безобразни, ни се обраќаа со презир и на тоа претседателот (Вучиќ) бурно реагираше, рече Вујичиќ.

Таа изјави дека на претставниците на Управувачкиот тим им биле дадени 30 минути да го презентираат Нацрт-статутот на ЗСО.

-Првата работа што ја кажа претседателот кога влеговме во собата, колешката Беловиќ и јас, рече: „Каде се моите Србинки од српско Косово и Метохија? Настана тотален хаос, протестираа зошто се користи терминот Косово и Метохија, затоа што не е дел од Србија. Изминативе две недели вршеа голем притисок врз Управувачкиот тим, потенцира Вујичиќ.

Поканите за средба со членовите на Управувачкиот тим ги испрати косовската министерка за локална самоуправа преку Фејсбук профил, што, како што оцени, покажува колку се сериозни кога е во прашање Заедницата на српските општини.

Вујичиќ истакна дека е вложен многу напор за изработка на Нацртот и дека тој е готов уште од 2018 година.

Рамката до која членовите на Управувачкиот тим се придржуваа при изготвувањето на Статутот на ЗСО беа четири договори постигнати во дијалогот – два од 2013 година и два од 2015 година. Членовите на делегациите, како што истакна таа, сега треба да го прочитаат целиот нацрт, член по член.

Следен чекор, како што објасни Вујичиќ, треба да биде примена на Планот за имплементација.

Нацрт-статутот на ЗСО има девет поглавја и 67 членови. об/

Фото: ЕПА

Остани поврзан