• петок, 22 ноември 2024

Бојчевски: Приоритет на новата влада да бидат здравствените работници кои повеќе од пет години се без здравствено и пензиско осигурување

Бојчевски: Приоритет на новата влада да бидат здравствените работници кои повеќе од пет години се без здравствено и пензиско осигурување

Скопје, 15 јуни 2024 (МИА) – Приоритет на новата влада треба да бидат вработените во јавното здравство, кои повеќе од пет години работат без здравствено и пензиско осигурување, порачаа денеска Независниот синдикат на здравствени работници и административен технички персонал (НСЗР) и Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ) кои се обрзаа на соработка со меморандум „Заедно сме посилни“. 

– Немаат здравствено и пензиско осигурување, би требало тие да се приоритет и веднаш по формирањето на новата влада да се направи нешто, заедно со новиот министер за здравство, приватните доктори и со јавното здравство, да им се реши ситуацијата на овие луѓе, бидејќи ќе нѐ снајде уште еден егзодус од 1000 до 2000 вработени кои работат повеќе од 5 години, кои што се вработени за време на кризата, рече претседателот на НСЗР Боби Бојчевски на прес-конференција со претседателката на ЗПЛРМ, Лилија Чолакова.

Очекувањата, додаде Бојчевски, се дека со назначувањето на новиот министер за здравство ќе се решат проблемите на вработените, бидејќи како што рече, жално е за плата од 21.700 денари да држат цели одделенија во јавното здравство.

– Го чекаме назначувањето на новиот министер и да се договориме за ситуацијата за приватните доктори, а исто и за вработените во јавното здравство. Очекуваме позитивна клима и ќе се реши овој проблем, бидејќи тие луѓе се вработени повеќе од 5 години со плата од 21.700 денари, тоа е срамно и жално, а држат цели одделенија во јавното здравство, како примарна медицина, вакцинација, лабаратории, физикални и така натаму, истакна Бојчевски.

На прес-конференцијата беа промовирани новите претседатели на синдикатите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и ГОБ „8 Септември“ Мето Трајановски и Слободан Алексиќ. Тие доаѓаат, откако нивните претходници Јосиф Ѓоревски, претседател на синдикатот на „Мајка Тереза“ и Кристина Олевска, претседателка на синдикатот на „8 Септември“, го напуштиле јавното здравство и станале лекари во приватната клиника „Аџибадем Систина“. ра/лв/

Фото: Независен синдикат на здравствени работници

 

Остани поврзан