• недела, 22 декември 2024

Бочварски: Осумдесет проценти е реализиран патот меѓу карбинските села Долни Балван-Таринци

Бочварски: Осумдесет проценти е реализиран патот меѓу карбинските села Долни Балван-Таринци

Карбинци, 23 февруари 2024 (МИА) - Патниот правец меѓу карбинските села Долни Балван – Таринци е реализиран околу 80 проценти, истакнаа  денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, кои ивзршија увид во градежните работи.

Бочварски рече дека општини со големина како Карбинци имаат проблем да реализираат проект од ваков размер и од таа причина министерството е овде да ги поддржи.

-Сметам дека ова е значајна поддршка од триесетина милиони денари за граѓаните, за општините и вака ќе продолжиме да работиме и во идниот период. Она за што сум информиран денеска од градоначалникот и од надзорниот орган е фактот дека имаме околу 80 проценти прогрес на работата, остануваат уште асфалтерските работи да се заврши и тампонскиот слој, завршување на тротарските површини и поставување на асфалтот. Очекувам ова да биде еден многу значаен проект којшто, навистина, ќе биде од значење за граѓаните, за регионот, за Општина Карбинци, изјави Бочварски.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Паунов рече дека ова е патен правец во должина од 1,6 километри со велосипедско-пешачка патека, што дополнително ќе придонесе за развој на можностите за спорт и рекреација во општината. Рокот за завршување на активностите е крајот на  март, рече Паунов и додаде дека се надева оти временските услови ќе дозволат да се испочитува.

-Граѓаните од Општина Карбинци, но и оние коишто го користат овој потег, ќе имаат можност да се движат по една модерна, нова улица којашто е локален патен правец и главна артерија за поврзување помеѓу регионалниот и магистралниот пат во овој дел од општината. Општина Карбинци овде учествува со кофинансирање во делот на електрификацијата на оваа патека којашто ќе ја користат за рекреација и спорт во вечерните часови. Еден навистина добар проект, крупен проект, вели Паунов.

Реконструкцијата на патниот правец Долни Балван – Таринци започна во август минатата година со финансиски средства од Министерството за транспорт и врски и кофинансирање од Општина Карбинци. вдј/цр

Фото: МИА 
 

Остани поврзан