• понеделник, 23 декември 2024

Бочварски: Даваме енергија и придонес во насока на подобрување на конекцијата со Бугарија

Бочварски: Даваме енергија и придонес во насока на подобрување на конекцијата со Бугарија
Скопје, 21 ноември 2020 (МИА) - Во контекст на проблемот со Бугарија, сметам дека во делот на инфраструктурата треба ние да развиваме што е можно посилни и појасни врски помеѓу државите. Проекти што даваат регионален пристап, поврзувањето на главните градови, паневропскиот коридор 8, источниот крак 8, каде имаме реално и движење на капиталните проекти. Ако зборуваме за патната инфраструктура, ние овде во овој дел во моментов инвестираме околу 180 милиони евра само на источниот крак на коридорот 8, од Скопје до граничниот премин со Бугарија. И ова значи дека апсолутно ние даваме енергија и придонес во насока на подобрување на конекцијата со Бугарија. Ова вечерва го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во централниот дневник на телевизија Сител. - Овде зборувам за постоечкиот коридор и постоечкиот патен правец кој реално ние во моментов го рехабилитираме. Третата лента од Крива Паланка до Бугарија која веќе е влезена во реализација, а делницата од Крива Паланка до Ранковце веќе е рехабилитирана и се враќаме кон Куманово со реализацијата на постојната патна ифраструктура. Паралелно со ова се гради и експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, кој ќе биде практично новиот дел на коридорот 8. Се на се во овој дел од државата на коридорот 8 инвестираме околу 180 милиони евра во делот на патната инфраструктура, рече Бочварски. Додаде дека таму каде се работи, каде има голем обем на зафати во дел на вака гломазна инфраструктура, некаде се јавуваат проблеми во дел на застои, експропријации, откажување на една од компаниите која го гради првиот лот на коридорот 8, на експресниот пат. Се преговара, вели, за преземање од друга компанија. - Сето ова значи дека имаме одредено забавување, но, ние никогаш не сме се откажале од подобра комуникација со нашиот источен сосед и така ќе продолжиме и понатаму, истакна Бочварски. Министерот Бочварски рече дека во делот на буџетот во 2021 година очекуваат висока реализација на капиталните инвестиции, кои се позиционирани на 23 милијарди денари или 374 милиони евра. -Во делот на буџетот на Министерството за транспорт и врски имаме 5,3 милијарди денари од кои 71 отсто се за капитални инвестиции во нашиот буџет, рече Бочварски. мд/сст/

Остани поврзан