• четврток, 21 ноември 2024

Борците на РСФ во Судан соборија транспортен авион, меѓу остатоците откриени руски документи

Борците на РСФ во Судан соборија транспортен авион, меѓу остатоците откриени руски документи

Картум, 22 октомври 2024 (МИА) - Суданските паравоени сили за брза поддршка (РСФ) објавија дека собориле транспортен авион во Дарфур, на западот на земјата. На снимки што се појавија на социјалните медиуми се гледаат борците на оваа паравоена формација како стојат на поле преполно со остатоци од авионот и како покажуваат документи за идентификација пронајдени во несреќата.

Руската амбасада во Картум потврди дека руски дипломати го истражуваат инцидентот што се случи во близина на границата со Чад. Во пораката од амбасадата се наведува дека е можно во авионот во моментот на несреќата да имало Руси.

РСФ од април минатата година водат жестока граѓанска војна со регуларната суданска армија.

Паравоените сили тврдат дека собориле „странски воен авион“ што и помагал на суданската армија. Без да понудат докази, тврдат дека соборениот авион фрлал бомби врз цивили.

„Во операцијата беа елиминирани сите странски платеници во авионот“, се наведува во соопштението.

Борците на РСФ на видео материјалите стојат крај запалените остатоци од авионот и наведуваат дека го собориле леталото со проектил земја-воздух. Меѓудругото, тие покажуваат и документи за идентификација, вклучувајќи руски пасош и лична карта поврзана со компанија со седиште во Обединетите Арапски Емирати.

Згужвана безбедносна картичка, исто така, наводно од авионот, покажува дека станувало збор за авион „Иљушин Ил-76“, управуван од компанијата „Њу Веј Карго“ од Киргистан.

Интересно е што групата „Conflict Observatory“, која е финансирана од американскиот Стејт департмент и ја следи војната во Судан, го поврза споменатиот авион со вооружувањето на Силите за брза поддршка. Оттука произлегува дека РСФ можеби случајно го соборила авионот.

Во извештајот на „Conflict Observatory“ се нагласува дека оружјето од Емиратите авиоснки се транспортирало до Амџарас, град во Чад, што се наоѓа недалеку од границата.

„Обединетите Арапски Емирати го користеа аеродромот во Амџарас како попатна точка за испорака на оружје до РСФ“, се наведува во извештајот, истакнувајќи дека Емиратите понудиле заем од 1,5 милијарди долари за брзо проширување на аеродромот.

Експертите на Обединетите нации сметаат дека се „веродостојни“ обвинувањата дека Емиратите ги вооружиле РСФ.

Во војната во Судан досега се убиени повеќе од 24.000 лица.

 Суданската армија моментално спроведува засилена офанзива во близина на Картум, додека нејзините сојузници се борат против РСФ во Дарфур.сд/

фото:Х

Остани поврзан