• недела, 22 декември 2024

Борел заминува во неколкудневна посета на Гватемала

Борел заминува во неколкудневна посета на Гватемала

Брисел, 13 јануари 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и бебзедност Жозеп Борел од денеска, па до 16 јануари ќе престојува во посета на Гватемала, како израз на цврстата поддршка на Унијата за демократијата во оваа централноамериканска држава.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, за време на оваа своја прва посета на земјата, Борел ќе се сретне со новоизбраниот гватемалски претседател Бернардо Аревало со кого ќе разговара за зајакнувањето на партнерството и дијалогот ЕУ-Гватемала, за приоритетите на новата влада и за областите за потенцијална соработка од заеднички интерес.

Во рамки на посетата, високиот претставник на ЕУ утре ќе присуствува на церемонијата на полагање заклетва на Аревало и на неговата заменичка Карин Херера Агилар.

Борел, исто така, ќе има средби и со други високо владини претставници кои ќе присуствуваат на церемонијата, меѓу кои и со претседателот на Чиле и Парагвај, Габриел Борик и Сантијаго Пења; бразислкиот потпретседател Жералдо Алкмин и со шефицата на мексиканската дипломатија Алисија Барсена Ибара.

Во текот на утрешниот ден Борел ќе се сретне и со активистите за заштита на човековите права Вирхинија Лапара, Клаудија Гонзалес и Аролдо Васкез, како и со претставници на домородните власти и приватниот сектор.

Во понеделник, Борел ќе го посети регионот Петен, каде ќе има средби со локални лидери, претсавници на граѓанското општество и активисти кои работат на спроведување на програмата за заштита на прашумите, која е поддржана од ЕУ.

- Покрај во транзицијата на власта, ЕУ, како долгогодишен партнер на Гватемала, е подготвена да соработува тесно со новата администрација на клучните приоритети од заеднички интерес, како што се зајакнувањето на демократското вледеење, владеењето на правото и поддршката на националната агенда за инклузивност и одржлив развој, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Во пресрет на посетата на Борел на Гватемала, Советот на ЕУ вчера донесе одлука за воспоставување Рамка на рестриктивни мерки за поддршка на демократијата и мирен и законски трансфер на власта во земјата.

Како што соопшти Советот, одлуката треба да и овозможи на Европската Унија да бара одговорност од оние што ја попречуваат демократската транзиција по општите избори во Гватемала во 2023 година, кои резултираа со јасна победа на новоизбраниот претседател Бернардо Аревало.

По повод усвојувањето на одлуката, Борел изјави дека ЕУ ја задржува својата цврста и недвосмислена поддршка за демократијата во Гватемала, а вопоставувањето на оваа Рамка е дел од таа посветеност.

- Тоа покажува дека стоиме со народот на Гватемала и против оние кои ја поткопуваат демократијата во земјата. ЕУ со нетрпение очекува тесно да соработува со идната администрација на претседателот Аревало и со задоволство ќе отпатувам во Гватемала за лично да сведочам на трансферот на власта, додаде Борел.

Врз основа на оваа нова рамка, ЕУ ќе може да воведе рестриктивни мерки против поединци и субјекти одговорни за активности кои ја поткопуваат демократијата, владеењето на правото и мирниот трансфер на власта во Гватемала, вклучително и преку прогон или заплашување на јавните службеници, демократски избраните институции, претставниците на граѓанското општество, медиумите и судските органи, како и преку финансиска злоупотреба на јавните средства и неовластен трансфер на капитал.

- Рестриктивните мерки се состојат од ограничување на патувањата за поединци и замрзнување на средства за поединци и субјекти. Дополнително, на физички и правни лица во ЕУ ќе им се забрани да им ставаат на располагање средства и други економски ресурси на санкционираните, се наведува во соопштението.

Според Европскиот совет, ЕУ како долгогодишен партнер на Гватемала, останува целосно посветена на поддршката на инклузивниот и одржлив развој во земјата во корист на сите.

- Промовирањето и зајакнувањето на демократското владеење и владеењето на правото е секогаш незаменлив дел од овој напор, се додава во соопштението. сп/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан