• вторник, 24 декември 2024

Борел: ЕУ засега нема да воведува санкции кон Русија

Борел: ЕУ засега нема да воведува санкции кон Русија
Брисел, 21 февруари 2022 (МИА) - Европската унија засега нема да воведува санкции кон Русија, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, отфрлајќи ги повиците на Киев за санкции за да се спречи војна, наместо да се воведат санкции по евентуална инвазија.
Западните земји стравуваат дека концентрацијата на руски војници долж границата со Украина е вовед во инвазијата, која Москва ја отфрла.
Соединетите Американски Држави и нивните европски сојузници порачаа дека ќе воведат остри санкции кон Москва во случај на напад врз Украина, а Киев бара итно да се воведат санкции.
„Чекаме одлуки“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Брисел пред да се обрати на редовниот состанок на европските министри за надворешни работи.
„Ние веруваме дека постојат добри и легитимни причини да се воведат барем дел од санкциите сега за да се покаже дека Европската унија е подготвена да дејствува, а не само да зборува за санкции“, додаде тој.
Министрите на ЕУ го поддржаа пакетот финансиска помош од 1,2 милијарди долари за Украина, најавен минатиот месец, а исто така начелно се согласија со долгогодишното барање на Украина да испрати мала мисија воени инструктори. паг/
   

Остани поврзан