• среда, 25 декември 2024

Борел: Единствено дијалогот на ЕУ гарантира европска иднина на Србија и на Косово

Борел: Единствено дијалогот на ЕУ гарантира европска иднина на Србија и на Косово
Белград, 27 мај 2020 (МИА) - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, нагласи дека дијалогот за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград, предводен од ЕУ, е неопходен за да се гарантира европската иднина и на Србија и на Косово. „Иднината на целиот Западен Балкан, вклучително и Србија и Косово, е европска. ЕУ е решена да ги поддржува на секој чекор од нивниот пат. Но, за европската иднина да стане реалност за нивниот народ, дијалогот со посредство на ЕУ не може да биде заобиколен“, напиша Борел на својот профил на Твитер. Претседателот на Косово, Хашим Тачи изјави вчера дека нема волја да учествува во преговарачкиот процес предводен од Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тој рече дека има целосна доверба во американското управување со дијалогот, оценувајќи дека тие успешно ќе го завршат дијалогот. Портпаролот на Борел, Петер Стано, изјави денеска дека договорот меѓу Косово и Србија мора да биде во согласност со правото на ЕУ, неговите вредности и меѓународното право, да биде одржлив, прифатлив и за регионот и за земјите членки на ЕУ. „Специјалниот претставник (Мирослав Лајчак) е во постојан контакт со сите релевантни партнери за да ги слушне нивните перспективи, очекувања и грижи, за да може дијалогот да започне без одлагање“, рече Стано. зш/

Остани поврзан