• сабота, 20 април 2024

Борел: Вучиќ и Курти постигнаа договор за Спогодбата, дополнителни преговори за имплементацијата

Борел: Вучиќ и Курти постигнаа договор за Спогодбата, дополнителни преговори за имплементацијата

Брисел, 27 февруари 2023 (МИА) - Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вечерва во Брисел, по новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, изјави дека лидерите на двете страни се согласиле дека нема потреба од дополнителни разговори за предлогот на ЕУ за нормализација на односите, но дека се потребни дополнителни преговори за модалитетите за имплементација.

По заедничката средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, Борел им рече на новинарите дека „двајцата лидери покажаа одговорно однесување и подготвеност да бараат решенија“ и најави дека специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак ќе продолжи со шатл-дипломатијата меѓу Белград и Приштина.

- Вучиќ и Курти денеска се согласија дека нема потреба од дополнителни дискусии за предлогот на ЕУ, именуван Спогодба за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија. Текстот на Спогодбата наскоро ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ, кажа Борел. 

Тој наведе дека во Спогодбата, за која Вучиќ и Курти постигнале договор, стои дека граѓаните „можат слободно да се движат меѓу Косово и Србија користејќи ги нивните меѓусебно признати пасоши, како и личните карти и регистарските таблички“.

- Спогодбата им овозможува на луѓето да студираат и да работат без да се грижат дали нивната диплома и тоа каде ја добиле, ќе биде проблем. Спогодбата носи нови економски можности преку зголемена финансиска помош, деловна соработка и нови инвестиции во Косово и Србија, рече Борел.

Тој додаде дека Спогодбата значи и поголема трговија, бидејќи сертификатите за увоз и извоз повеќе нема да бидат проблем, како и „повеќе безбедност, сигурност и предвидливост за Србите во Косово“, вклучително и Српската православна црква и објектите од културно и верско наследство.

- Се надевам дека Спогодбата може да биде основа за градење на толку потребната доверба и надминување на наследството од минатото, рече Борел.

Тој додаде дека се уште се потребни дополнителни преговори „за да се утврдат конкретните модалитети на спроведување на одредбите од договорот“.

- Шатл-дипломатијата ќе продолжи, во март ќе има нова средба на високо ниво со цел да се стави крај на дискусијата за анексот за имплементација, кој ќе биде насока за спроведување на Спогодбата. Анексот е составен дел на Спогодбата и треба да се финализира, изјави шефот на европската дипломатија. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан