• недела, 24 ноември 2024

Борел: Без Кина не можат да се решат глобалните предизвици

Борел: Без Кина не можат да се решат глобалните предизвици
Брисел, 28 април 2021 (МИА) - Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел на денешната пленарна седница на Европскиот парламент рече дека „глобалните предизвици“ не можат да се решат без учество на Кина, но дека Унијата мора да инсистира на своите вредности. - Не можеме да избегнеме соработка, но мора да бидеме цврсти во нашите вредности, рече Борел во дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент за кинеските контрасанкции против европратениците и европските субјекти. - Ние мора да соработуваме со Кина, имајќи предвид дека постои и системско ривалство затоа што нашите системи се различни, додаде тој. Сепак, шефот на европската дипломатија истакна дека Кина е „клучен економски и политички играч со кој е потребна континуирана соработка“. - Без Кина, глобалните проблеми не можат ефикасно да се решат - од борбата против климатските промени и пандемијата до пучот во Мјанмар, иранскиот нуклеарен договор или глобалниот баланс на силите, рече тој. Европската унија на крајот на март воведе санкции против четворица кинески официјални лица и една државна компанија за вмешаност во кршење на човековите права на Ујгурите, муслиманско малцинство во најзападната кинеска провинција Синџијанг. Унијата немаше воведено санкции против Кина од масакрот на плоштадот Тјенанмен во 1989 година. Пекинг одговори со воведување санкции за петмина европратеници, тројца членови на националните парламенти, двајца научници и четири европски ентитети. Пекинг ги обвини за „злонамерно ширење лаги и дезинформации за Кина“. Воведени се санкции против Политичкиот и безбедносен комитет на Советот на Европската унија, Поткомитетот на Европскиот парламент за човекови права, Германскиот институт Меркатор за кинески студии и против Данскиот сојуз на демократии. - На Кинезите им е тешко да разберат што значи слободно да се изразуваат парламентарците, рече Борел, изразувајќи „целосна солидарност“ со оние против кои Кина воведе санкции. Пратениците, без оглед на поврзаноста со партиските пратенички групи, остро ги осудија кинеските контрасанкции. ссм/

Остани поврзан