• сабота, 22 февруари 2025

Божиновска: Го поддржуваме МЕМО во напорите за модернизација и развој

Божиновска: Го поддржуваме МЕМО во напорите за модернизација и развој

Скопје, 23 јануари 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го посети Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, во рамки на нејзините активности за редовни посети на енергетските капацитети и институции под ингеренции на Министерството.

Како што информира денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во текот на посетата министерката Божиновска беше информирана за активностите на МЕМО, вклучувајќи ги напорите за унапредување на организираниот пазар на електрична енергија во државава.

На средбата, како што се наведува, беше ставен акцент на зајакнувањето на Македонската берза на електрична енергија, која е под раководство на МЕМО. Берзата, која започна со работа на 10 мај 2023 година, обезбедува конкурентен пазар за електрична енергија во земјата.

- МЕМО игра клучна улога во обезбедувањето на енергетска стабилност и транспарентност на пазарот на електрична енергија. Како Министерство, целосно ја поддржуваме оваа институција во напорите за модернизација и развој, што е клучно за енергетската стабилност и економскиот развој на земјата, истакна Божиновска.

Управителот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски нагласи дека зајакнувањето на Македонската берза на електрична енергија е приоритет за МЕМО, со цел да се обезбеди сигурно и транспарентно место за тргување на електрична енергија за сите учесници на пазарот.

- Во овој момент 37 компании тргуваат на домашната берза за електрична енергија што е потврда за воспоставената сигурност и релевантни цени за секој час од денот. МЕМО веќе го воведува еврото како валута за тргување во првиот квартал на оваа година со што станува поотворен за меѓународно тргување со електрична енергија, а воедно ова е и еден од предусловите за пазарно спојување (market coupling) со берзите на соседните земји и членки на ЕУ. Интензивно работиме и на развој на интрадневен пазар, истакна Ѓорѓиевски.

Министерката Божиновска била информирана и за тековните активности на МЕМО за успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија. Како што истакна Ѓорѓиевски, очекуваат целосна имплементација на софтверот за неколку месеци.

Божиновска ја нагласила важноста на воспоставување и водење на регистарот на гаранциите за потекло на електрична енергија како значаен механизам кој придонесува за енергетска транзиција и доверба на пазарот.

- Овие механизми ќе обезбедат поголема транспарентност и конкурентност, што е од суштинско значење за привлекување инвестиции во обновливи извори на енергија и зајакнување на економската стабилност на енергетскиот сектор, додаде министерката Божиновска.

- Оваа посета е дел од континуираните активности на министерката Божиновска за директна комуникација со клучните енергетски субјекти, со цел подобро разбирање на нивните предизвици и потреби, како и заедничко планирање на идните чекори за обезбедување на сигурна и одржлива енергетска иднина за Македонија, се наведува во соопштението. мд/са/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан