• четврток, 04 декември 2025

Божиновска ги посети студентите на нивните практикантски позиции во МЕРМС

Божиновска ги посети студентите на нивните практикантски позиции во МЕРМС

Скопје, 17 јуни 2025 (МИА) - Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја започнаа студентската практикантска настава во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС). Веќе се распределени по сектори и започнаа со практична работа во рамки на Министерството и органите во негов состав, а денеска младите практиканти на нивните работни позиции ги посети и министерката Сања Божиновска. 

Таа лично се запозна со нивните ангажмани, задачите што им се доделени и областите во кои се вклучени.

-Гордост е да се види енергијата и мотивацијата што овие млади луѓе ја носат со себе. Веќе од првиот ден, тие не се тука само како набљудувачи, туку активно се вклучени во конкретни процеси, подготвуваат материјали, истражуваат и дискутираат. Ова е таа нова генерација која сакаме да ја задржиме во земјата и да ѝ дадеме можност да се развива тука во институциите каде што се градат јавните политики, изјави министерката Божиновска.

Во разговорот со студентите, министерката упати порака на поддршка и охрабрување.

-Потребни ни се луѓе што разбираат технологија, енергетика и современи предизвици, но уште повеќе ни се потребни луѓе што сакаат да направат разлика. Вие сте тука не само за да учите, туку и да донесете нова перспектива. Ќе ве поддржиме во секој чекор, рече Божиновска.

Студентите се распределени според нивната стручна насоченост во одделенијата за енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност, минерални суровини, стратешко планирање и дигитализација. Со нив работат ментори од редовите на администрацијата, со цел да добијат реален увид во функционирањето на институцијата и активна улога во тековните задачи.

Програмата се реализира врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерството и ФЕИТ, како дел од заложбата за поддршка на млади инженери и нивно вклучување во развојот на енергетските политики. Министерството најавува продолжување и проширување на оваа програма и во иднина, со цел создавање континуитет во градење на домашен стручeн кадар и обезбедување генерации експерти подготвени да ја водат енергетската транзиција.вј/

Фото: МЕРМС

Остани поврзан