Божиновска: Вистинскиот развој се случува кога институциите, академијата и приватниот сектор седнуваат на иста маса
- Енергетиката како двигател на развојот, младите како носители на иднината и партнерствата како клуч за успех - ова беа централните пораки од настанот „Енергија што поврзува: Северна Македонија - Австрија, партнерство за иднината“, што се одржа во Скопје во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Амбасадата на Република Австрија и австриската библиотека при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Енергетиката како двигател на развојот, младите како носители на иднината и партнерствата како клуч за успех - ова беа централните пораки од настанот „Енергија што поврзува: Северна Македонија - Австрија, партнерство за иднината“, што се одржа во Скопје во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Амбасадата на Република Австрија и австриската библиотека при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Настанот, информираат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), обедини претставници од институциите, академската заедница, приватниот сектор, професори и студенти од техничките науки отворајќи конкретни можности за нови заеднички проекти, продлабочена соработка и посилно вмрежување на македонските факултети со европските, особено со австриските универзитети.

- Во фокусот на дискусијата беше и подготвеноста за конкретна поддршка на младите - амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, и Волфганг Маиер, претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, изразија јасна отвореност за вклучување во активности што ќе овозможат повеќе практични можности, размена на искуства и професионален развој за студентите, особено во енергетскиот сектор. Посебен акцент беше ставен и на вклучувањето на жените во енергетиката, како и на создавање услови младите да стекнуваат знаење во странство, но и да го враќаат и применуваат дома - сопшти МЕРМС.
Учесниците, се нагласува во соопштението, се согласија дека ваквите настани имаат суштинско значење - тие не се само платформа за разговор, туку мост и врата кон нови можности, партнерства и конкретни иницијативи.
Како конкретен пример за ваквата соработка беше посочен проф. д-р Сашко Ристов, кој повеќе од една деценија работи како професор на универзитет во Австрија. Преку негов ангажман и иницијатива, во соработка со македонски институции, вклучително и МЕПСО и ЕВН, е развиен проект од областа на енергетиката и дигитализацијата во вредност од речиси 2 милиони евра. Проектот има цел унапредување на перформансите и стабилноста на електроенергетската мрежа преку примена на современи дигитални алатки и решенија.
Амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, истакна дека поврзаноста меѓу двете земји е длабока и природна, базирана на доверба, заеднички вредности и долгорочна соработка нагласувајќи дека ова партнерство во иднина само ќе се продлабочува, особено во делот на образованието, иновациите и енергетиката.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање порача дека соработката има двонасочна вредност.
- Она што сакам да го истакнам е дека оваа соработка има двонасочна вредност. Таа се гради преку луѓето - преку македонските професори, истражувачи и студенти, преку знаењето што се создава и споделува и преку идеите што патуваат во двете насоки. Тоа е вистинското значење на партнерството - заемен раст и споделена визија - рече Божиновска.

Таа нагласи дека енергетската стабилност е клучна за економската отпорност и за квалитетот на живот посочувајќи дека целта на Министерството е изградба на модерен, одржлив и поврзан енергетски систем, во чекор со европските стандарди и идни развојни текови.
- Ниедна држава денес не може сама да одговори на сите енергетски предизвици. Потребни се партнерства, доверба и заедничка визија. Токму затоа ваквите средби се од суштинско значење - тие покажуваат дека вистинскиот развој се случува кога институциите, академијата и приватниот сектор седнуваат на иста маса - истакна Божиновска.
Настанот беше насочен кон студентите од техничките факултети, со цел да се поттикне нивниот интерес за енергетиката и меѓународната соработка. Во таа насока, министерката упати директна порака до младите да ја препознаат енергетиката како простор на можности, иновации и влијание.
Настанот се одржа во австриската библиотека при Филолошкиот факултет во Скопје - простор кој неодамна е целосно реновиран со поддршка на Амбасадата на Република Австрија и кој симболично ја отсликува поврзаноста меѓу двете земји преку образование, култура и размена на знаење. На настанот присуствуваше и деканот на Филолошкиот факултет, Владимир Мартиновски.
Организаторите изразија уверување дека оваа средба ќе биде само почеток на нов бран на соработка, проекти и можности што ќе ги поврзат младите, институциите и индустријата во заедничка визија за одржлива енергетска иднина.вј/дма/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини