• четврток, 14 ноември 2024

Богоев: Градиме цврсти партнерства со македонските компании

Богоев: Градиме цврсти партнерства со македонските компании

Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - По повод Светскиот ден на царината што годинава македонската Царинска управа и останатите членки на Светската царинска организација го одбележуваат под мотото „Царината негува традиционални и поттикнува нови партнерства со цел“, денеска беа доделени сертификати за успешна соработка на компаниите Костал, Комфи Анѓел, Пекабеско и Дел Кредере.  

Како што соопштија од Царинската управа, сертификат бил врачен и до претседателката на Регионалната Цефта ОЕО Асоцијација, Татјана Стефановиќ, до претставник на Државниот инспекторат за земјоделство, како и до царински службеници чија посветеност во работата резултира со одлични резултати на управата.

- Царинската управа како ефикасен партнер на македонското стопанство делува се со цел да овозможи поголеми предности за македонските компании. Минатата година започнавме со активности за имплементација на развојни проекти вредни над 30 милиони евра, чии бенефити ќе ги почувствуваат сите македонски компании, истакнал директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.

Во соопштението се наведува дека во Царинската управа работат и на унапредување на програмата за овластен економски оператор чија цел е олеснување на трговијата. Во моментов, се посочува, во рамки на ЦЕФТА изготвена е и централна база на податоци за ОЕО коишто ги имаат исполнето безбедносните барања и се работи на нејзино поврзување со царинските системи што ги користат ЦЕФТА страните.

- Посветени сме и на континуирано усовршување на институционалните капацитети се со цел остварување на стратешките приоритети за олеснување на трговијата, поголеми приливи во Буџетот и безбедност на општеството, стои во соопштението. цр/лв/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан