• четврток, 04 јули 2024

Богата културна програма за сите возрасти за јули во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Богата културна програма за сите возрасти за јули во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Куманово, 4 јули 2024 (МИА) - Кумановци ќе имаат можност да проследат богата културна програма за јули, најавија денеска надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“ и на прес-конференција ги поканија граѓаните да ја проследат. Концерти, креативни работилници наменети за најмладите, изложби, промоции на филм.

- Би сакал да го најавам концертот на нашето матично фолклорно друштво „Срма“ кое ќе се одржи утре во 20 часот. Очекуваме и да дојдат гости од Србија. Влезот е слободен и ги поканувам сите да уживаат во концертот. Следува изложбата „Хералдика“ на Иван Ацевски на 11 јули во 20 часот, наредниот ден има промоција на филм на Емил Солевски, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.

Центарот за култура неколку години наназад организира детска креативна работилница за најмладите кои во летото се во градот и имаат можност креативно да се изразат.

- Ги повикуваме сите деца да дојдат на 15 јули во 11 часот. Ќе организираме и книжевна работилница со Јулијана Величковска за најмалите каде ќе доживеат ново искуство, додава Тодорвски.

За јули е предвидена и премиерата на албанската драма на 16 јули, претставата „Писмо“, дел од годишната програма и е втора претстава на НУЦК на албански јазик за годинава. Кумановскиот театар со „Волшебникот од Оз“ ќе настапи и пред најмалите од Крива Паланка на 17 јули во 20 часот на летната сцена.

- Поради реконструкцијата на малиот градски плоштад работилниците ќе се организираат внатре во фоајето. Имаме голем интерес од најмладите, ние обезбедуваме целокупен материјал за цртање, сликање, рече Тодоровски.

Во однос на изградбата на театарот во моментов тече јавната набавка за избор на компанија за четвртата фаза од реконструкцијата. Градежните активности се очекува да почнат на крајот од јули. Во оваа фаза ќе се уредува дел од внатрешната архитектура во објектот и треба да заврши до ноември, годинава. За идната година се очекува старт на покривот и финиширање на реконструкцијата. ам/цр


Фото: МИА и НУЦК

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан