• недела, 22 декември 2024

Блуши: Илир Мета е политички затвореник, ако нешто му се случи во затвор, одговорен е Рама

Блуши: Илир Мета е политички затвореник, ако нешто му се случи во затвор, одговорен е Рама

Тирана, 24 октомври 2024 (МИА) - По соопштување на одлуката на Специјалниот суд за затворски притвор на Илир Мета, генералниот секретар на Партијата на слободата, Теди Блуши, синоќа изјави дека "Илир Мета од денеска е политички затвореник, а тоа е поради заробената правда која е во служба на премиерот Еди Рама".

- Политичката одлука на камиказите на Специјалниот суд да го остават во затвор претседателот на Партијата на слободата, Илир Мета, диктирана од антиалбанската мафија и нарачана од Рама, е сериозен чин кој го потврдува падот на правната држава и гушење на правдата, ставени во служба на нарко-државата, рече Блуши.

Тој додаде дека "оваа срамна и одвратна одлука на судот против опозицијата го потврдува втурнувањето на Албанија во диктатура". 

-Оваа одлука не е ништо друго туку продолжување на чистата терористичка агресија на нарко-државата врз Илир Мета, Партијата на слободата, плурализмот и демократијата што ја консумираа Алтин Думани и поранешниот диктаторски обвинител, Арбен Краја, обвини тој. 

Блуши рече дека опозицијата ќе го засили политичкото дејствување и додаде дека "доколку нешто му се случи на Мета во затвор, Еди Рама ќе сноси лична одговорност".

-Чинот на апсењето на Мета доаѓа по сценариото за негова физичка елиминација, што потврдува дека имаме заробени правосудни институции кои се претворија во платени убијци на опозицијата. Илир Мета денес е политички затвореник поради неговите ставови во одбрана на националниот интерес. Еди Рама ја помина секоја црвена линија. Единствен начин е да се бориме заб за заб, посочи Блуши.

Вчера доцна попладне, по четири часовна расправа, Специјалниот суд против организиран криминал и корупција му ја потврди мерката "затворски притвор" на Мета и тој е префрлен во затворот "313" кој се смета дека е со висок степен на безбедност. 

По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, тој беше уапсен во понеделникот во населбата " Лапрак" во Тирана, при враќање од Косово.

Се товари за корупција, перење пари и непријавување имот. вт/сд/


Фото: принтскрин ФБ Блуши

Остани поврзан