• сабота, 16 ноември 2024

Блокирана сметката на ОУ „Никола Карев“ за камата за ученички превоз од пред десетина години

Блокирана сметката на ОУ „Никола Карев“ за камата за ученички превоз од пред десетина години
Кочани, 5 септември 2022 (МИА) – Жиро сметката на ОУ „Никола Карев“ од Кочани денеска е блокирана поради активирана наплата на камата за побарувања за превоз на учениците од пред скоро десетина години. Од раководството на училиштето реагираа за ситуацијата во која се најде институцијата на почетокот на учебната година, обвинувајќи го поранешниот превозник дека немилосрдно се збогатува на штета на учениците и на сите граѓани. -Превозникот „Авто Атом“ од Кочани со Решение за нотарски платни налози од јули и август годинава изврши блокада на сметката на училиштето ОУ„Никола Карев“, од која беа повлечени 682.641 денар, од кои над 630 илјади денари за камата, а остатокот за нотарски трошоци. Каматата е за основен долг од над четири милиони денари што е подмирен во целост. За да не дојде до блокада на сметката на училиштето, Општина Кочани под притисок направи ребаланс на буџетот и сите расположливи средства во износ од 816 илјади денари ги пренамени за плаќање на каматата. По пресметка на банка таа е во вкупен износ од 1.797.158 денари, а училиштето се обврзува дека ќе ја исплати во 2022 година без да се наруши нормалното работење. Денеска од Министерството за финансии бевме известени дека од сметката на дотации се повлечени уште 682.641 денар. Нејасно е зошто превозникот чекаше да пушти решение за издавање нотарски платен налог и да побарува камата што се однесува за фактури од 2013 до 2017 година, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“. Од ОУ „Никола Карев“ упатија јавен повик до превозникот да покаже општествена одговорност, затоа што основниот долг е платен, а средствата за камата и за нотарски трошоци да се искористат за создавање соодветни услови за учење на учениците. Со блокирањето на сметката училиштето не може да ги плаќа сметките за електрична енергија, за телекомуникациски услуги, ниту пак обврските за тековно одржување на зградата. та/дма/

Остани поврзан