• понеделник, 18 ноември 2024

Блинкен: Убеден сум во напредокот на Шведска кон членството во НАТО по посетата на Анкара

Блинкен: Убеден сум во напредокот на Шведска кон членството во НАТО по посетата на Анкара

Анкара, 6 ноември 2023 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека е убеден дека ќе има напредок во однос на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, откако разговараше со неговиот турски колега во Анкара.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го потпиша протоколот за пристапување на Шведска во НАТО и го поднесе минатиот месец во Меџлисот, откако тоа го одложуваше со месеци.

Документот треба да биде одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи пред да може да се гласа на пленарна седница, по што Ердоган ќе го потпише.

„Убеден сум дека ќе видиме напредок по ова прашање“, им рече Блинкен на новинарите на аеродромот пред да замине од Анкара. Тој одговори на новинарско прашање дали Турција дала гаранции дека ќе го поддржи членството на Шведска во НАТО.

Според Блинкен, САД се многу охрабрени од фактот што Ердоган го доставил протоколот на одобрување до Парламентот. Според него, постои „заедничка посветеност“ од страна на Анкара и Вашингтон дека Шведска ќе се приклучи на Алијансата.

„Очекувам дека ќе видиме како тоа ќе стане реалност“, рече американскиот државен секретар.

Шведска и Финска минатата година аплицираа за влез во НАТО за да ја зајакнат својата безбедност по руската инвазија на Украина. Членството на Финска стана реалност во април, но на Шведска беше блокирано од Турција и Унгарија. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан