• сабота, 23 ноември 2024

Блинкен пристигна во Израел

Блинкен пристигна во Израел

Тел Авив, 18 август 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Израел во обид да го засили дипломатскиот притисок за постигнување на договор за прекин на огнот во Појасот Газа.

Претходно, портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател изјави дека Блинкен ќе ги продолжи интензивните дипломатски напори за да се избегне ескалација во регионот или какви било други дејства што би можеле да го поткопаат финализирањето на договорот.

Тоа е деветта посета на Блинкен на Израел од 7 октомври кога почна војната помеѓу Израел и Хамас.

Предвидено е Блинкен утре да се сретне со израелскиот премиер и претседател Бенјамин Нетанјаху и Ицак Херцог, како и со министерот за одбрана Јоав Галант.

Блинкен на 19 август ќе отпатува за Египет.

Посетата на Блинкен уследи откако на 15 и 16 август во Доха се одржаа мировни преговори, на кои не присуствуваа претставници на Хамас. Израелските преговарачи разговараа за прекин на огнот во Појасот Газа со катарски, египетски и американски посредници. Додека Хамас соопшти дека не ги прифаќа „новите услови“ за примирје и го осуди „американскиот диктат“.

Според заедничкото соопштение, дводневните разговори во главниот град на Катар, Доха биле конструктивни. За следната недела најавена е уште една средба на посредниците во Каиро.

Хамас не присуствуваше во Доха со образложение дека преговорите му овозможува на Израел да наметне нови услови и да изврши повеќе масакри.

- Хамас е подготвен да разговара за механизмот за имплементација за постигнување сеопфатно примирје, целосно повлекување на израелските сили, прекин на опсадата, отворање на граничните премини и обнова на Појасот Газа, како и постигнување на сериозен договор за заложниците и затворениците. Хамас не сака никаква улога на САД и на Израел во Појасот Газа по војната, изјави претставникот на Хамас, Сами Абу Зухри пред три дена.

Додека денеска високиот функционер на Хамас, Осама Хамдан наведе дека САД немаат вистинска волја да воспостават прекин на огнот во Појасот Газа.

Според него предлогот на САД не вклучува никаков прекин на огнот или повлекување на војниците од Појасот Газа.

- Потенцијалниот прекин на огнот мора да гарантира јасни критериуми, вклучувајќи ја и слободата за палестинските затвореници, истакна Хамдан.

Преговорите се засноваат на планот што го објави американскиот претседател Џо Бајден на 31 мај, а кој во првата фаза предвидува шестнеделно примирје и повлекување на израелските сили од густонаселените зони на Појасот Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници. Во втората фаза треба трајно да престанат борбите, а третата фаза предвидува обнова на Појасот Газа. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан