• недела, 22 декември 2024

Блинкен потврди дека САД одговорија на руските барања за безбедносни гаранции

Блинкен потврди дека САД одговорија на руските барања за безбедносни гаранции
Вашингтон,  26 јануари 2022 (МИА) - Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска изјави дека писмениот одговор на Вашингтон на барањата за безбедносни гаранции на Русија го отвора патот за дипломатско решение на кризата,  доколку Москва го сфати сериозно, и дека САД се обидуваат да спречат воена ескалација против Украина. Блинкен изјави дека документот, доставен денеска до Русија, содржи „принципиелна и прагматична“ проценка на руските барања, додавајќи дека одговорот е целосно координиран со Украина и европските сојузници на Вашингтон. -Генерално, ова претставува сериозен дипломатски пат напред, доколку Русија одлучи да го стори тоа, рече Блинкен, додавајќи дека очекува разговорите со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, да продолжат во наредните денови. Блинкен додаде дека одговорот на САД на руските барања го одразува ставот на Вашингтон дека е отворен за дијалог и претпочита дипломатија, но дека се зависи од Русија и нејзиниот одговор. Тој предупреди дека САД ќе бидат подготвени во секој случај. Вашингтон јасно стави до знаење дека не доаѓа во предвид исполнувањето на руските барања НАТО да ги повлече трупите и оружјето од Источна Европа и да и забрани на Украина некогаш да се приклучи на Алијансата. Тој, исто така, кажа дека е подготвен да разговара и за други теми, како што се контрола на оружјето и мерките за градење доверба. Во односите на Русија со НАТОП и САД постојат високи тензии откако Русија на границата со Украина стационира околу 100.000 војници, опколувајќи ја земјата со свои сили од север, исток и југ. Русија негира дека планира инвазија. Блинкен денеска кажа и дека нема да има промена во ставот на САД за политиката на отворени врати на НАТО. сд/

Остани поврзан