• вторник, 24 декември 2024

Блинкен и Лавров телефонски ќе разговараат за Украина

Блинкен и Лавров телефонски ќе разговараат за Украина
Вашингтон, 1 јануари 2022 (МИА) - Високи американски и руски дипломати денеска ќе одржат нова рунда разговори за украинската криза, додека Русија продолжува да распоредува големи воени сили на границата со поранешната советска држава.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски ќе разговара со неговиот руски колега Сергеј Лавров, еден ден откако двете страни имаа жестока дебата за Украина во Советот за безбедност на ОН.
Москва испрати писмо до Вашингтон во понеделникот за своите ставови, како одговор на писмената комуникација на двете страни во која се наведени нивните ставови во изминатите две недели.
„Јавното преговарање не би било продуктивно, па ќе оставиме на Русија доколку сака да зборува за својот одговор. Остануваме целосно посветени на дијалогот за решавање на овие прашања и ќе продолжиме тесно да се консултираме со нашите сојузници и партнери, вклучително и Украина“, изјави претставник на Стејт департментот.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави во понеделникот дека Русија ќе се соочи со „брзи и сериозни последици“ доколку ја нападне Украина.
„Денеска во ОН ја претставивме целосната природа на руската закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и основните принципи на меѓународниот поредок заснован на правила“, рече Бајден пред Белата куќа.
Тој додаде дека „и натаму повикуваат на дипломатија како најдобар начин напред“. - Но, со оглед на тоа дека Русија продолжува да ги собира своите сили околу Украина, ние сме подготвени за што и да се случи, рече Бајден.
Разговорот денеска ќе биде првиот директен разговор меѓу Лавров и Блинкен откако САД и НАТО разменија писмени одговори на барањата на Русија минатата недела.
САД и НАТО го отфрлија барањето на Русија за гаранција дека Украина нема да влезе во НАТО и барањето САД да го повлечат стратешкото оружје од Европа.
„Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша одлука за зголемување на украинската армија за 100.000 војници за три години и зголемување на нивните плати, но исто така нагласи дека тоа не значи дека војната со Русија е неизбежна.
„Оваа одлука е подготвена не затоа што наскоро ќе имаме војна... туку за да има мир во Украина наскоро и во иднина“, рече тој.
Украинските вооружени сили сега имаат околу 250.000 војници. паг/
   

Остани поврзан