• петок, 17 мај 2024

Блинкен го повика Лондон да преговара „со добра волја“ со ЕУ

Блинкен го повика Лондон да преговара „со добра волја“ со ЕУ
Вашингтон, 13 јуни 2022 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Велика Британија да преговара „со добра волја“ со ЕУ за Северна Ирска, откако владата на Обединетото Кралство предложи кршење на трговските правила по Брегзит. Блинкен ја повика британската министерка за надворешни работи Лиз Трас „да продолжи со разговорите со добра волја со ЕУ за да се постигне решение што ќе ги зачува придобивките од Договорот од Белфаст/Велики петок“, се вели во соопштението, потсетувајќи на договорот постигнат со посредство на САД од 1998 година, кој во голема мера донесе мир меѓу Британија и Северна Ирска. ЕУ, претходно денеска, ѝ се закани на Велика Британија со правна постапка откако владата на Обединетото Кралство претстави нацрт-закон со кој се предлага еднострана промена на трговскиот договор за Северна Ирска по Брегзит. – Со значителна загриженост ја забележуваме денешната одлука на владата на Обединетото Кралство да го воведе нацрт-законот, рече заменик-претседателот на Европската комисија Марош Шефчович за новинарите во Брисел. Тој истакна дека ЕУ нема повторно да преговара за договорот за Брегзит и дека Брисел сега ќе размисли за продолжување на суспендираната „постапка за прекршување“ против Британија, како и отворање нови правни дела. ссм/

Остани поврзан