• петок, 22 ноември 2024

Блинкен ги предупреди земјите од Централна Азија за опасностите од војната во Украина

Блинкен ги предупреди земјите од Централна Азија за опасностите од војната во Украина
Вашингтон, 28 февруари 2023 (МИА) - Американската влада денеска вети дека ќе ја поддржи независноста на петте централноазиски поранешни советски републики и ги предупреди дека вредноста на Русија како партнер е сериозно компромитирана поради нејзината војна против Украина.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на Казахстан, рече дека ниту една земја, особено оние кои традиционално се во руската орбита, не може да си дозволи да ги игнорира заканите од руската агресија не само на нејзина територија, но и кон меѓународниот поредок заснован на правила и глобалната економија. Тој ја истакна важноста од почитување на „суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста“.

„Откако станаа првата земја што го призна Казахстан во декември 1991 година, Соединетите Американски Држави се цврсто посветени на суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Казахстан и земјите во регионот“, рече Блинкен по состанокот во Астана со министрите за надворешни работи од т.н.група Ц5+ група 1, вклучувајќи ги Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан плус САД.

Тој на прес-конференција со казахстанскиот министер за надворешни работи Мухтар Тлеуберди рече дека „ја потврдил непоколебливата поддршка на САД за Казахстан... слободно да ја одреди својата иднина“.

Тлеуберди, како и казахстанскиот претседател Касам-Жомарт Токаев претходно, му се заблагодари на Блинкен за посветеноста на САД за слободата на Казахстан, но посочи дека неговата земја најверојатно нема да усвои проруска или прозападна позиција. Според него, Казахстан ќе продолжи да дејствува во согласност со својот национален интерес и да води „урамнотежена мултилатерална надворешна политика“, со оглед на „комплексната меѓународна ситуација“.

Блинкен, кој денеска е во Казахстан, а утре ќе престојува во Узбекистан, е во прва посета на Централна Азија како државен секретар на САД. паг/
 
Фото: ЕПА
 
 
 

Остани поврзан