• недела, 22 декември 2024

Благо намалување на заболени од Ковид-19, процесот на имунизација продолжува

Благо намалување на заболени од Ковид-19, процесот на имунизација продолжува
Скопје, 11 април 2021 (МИА) - Благо намалување на бројот на позитивни на коронавирусот се бележи во државава. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1 092 случаи, од 5 569 тестирани, но и 2003 оздравени. Во меѓувреме, продолжува процесот на имунизација. Се вакцинираат приоритетни групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата и повозрасните лица. Од критичната инфраструктура, вчера со „Спутник В“ се вакцинираа воспитувачките и вработените во градинките и учлиштата, но и пожарникарите, кои, исто така, спаѓаат во приоритетните групи. Имунизацијата тече и во останатите вакцинални пунктови во земјава со вакцината на Астра Зенека, која ја примаат лицата над 77 години, а во тек е пријавување кај матичните лекари и на граѓани на возраст над 75 години, кои ќе бидат вакцинирани со оваа вакцина. Министерот за здравство Венко Филипче вчера преку својот фејсбук-профил апелираше граѓаните да се пријават за вакцинација со цел побрзо надминување на пандемијата предизвикана од коронавирусот. – Сега е време да придонесеме за побрзо надминување на пандемијата со коронавирусот. Процесот на имунизација е пред нас и само со вакцинација на голем број граѓани ќе успееме да стекнеме колективен имунитет. Пријави се за вакцинација денес. vakcinacija.mk, напиша министерот Филипче на Фејсбук. Вакцинацијата е еден од начините со кои што можеме да се справуваме со инфективните заразни заболување, посебно со Ковид-19, тврди доц. д-р Мери Киријас од Институтот за имунологија,
Таа вчера во интервју за МИА беше децидна дека во рок од шест месеци по имунизацијата против коронавирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од Ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг.
– Се надеваме дека ќе нема потреба од повторни ревакцини, меѓутоа не можеме со сигурност точно да го кажеме тоа само ради моментот со она што го гледаме се мутациите кај вирусот и не знаеме во која насока ќе се движат во наредниот период и дали вакцините ќе бидат доволно ефикасни. Меѓутоа, тоа времето ќе покаже дали ќе има навистина потреба од тоа или не, потенцира д-р Киријас. Според Киријас, присуство на антитела во организмот значи заштита од Ковид-19 и не е важна колкава бројката на антитела, бидејќи заштитата не е само од нив, туку е важен и клеточниот имунитет којшто останува како меморија. Во врска со досега познатите нус појави по вакцинацијата, освен ретката појава на поврзаноста на појавите на згрутчување на крвта и вакцината на „Астра Зенека“ што ја потврди и Европската агенција за лекови (ЕМА), Киријас вели дека во САД по примањето на вакцината на „Фајзер“ се регистирани и појави на минлив фацијалис, а имало и случаи со тромбози, меѓутоа не е потврдено дали тие се причинско-последично поврзани или не. Нагласи дека официјалните препораки се дека вакцинацијата и ревакцинацијата треба да бидат со истиот тип вакцина, бидејќи се уште не се знае колкава би била ефикасноста и што би можело да се очекува доколку првата и втората доза да бидат од различни производители. Во однос на забелешките на антиваксерите е дека мРНК-вакцините, во кои спаѓаат оние на „Фајзер“ и „Модерна“ можат да ќе предизвикаат промена на ДНК-та на примателот, д-р Киријас во интервју за МИА вчера појасни дека ваквите тврдења немаат логика и оти тоа биолошки не е можно. Инаку, согласно вчерашниот извештај на Министерството за здравство, на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат 1.687 пациенти. Вкупно 687 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите. Од Министерството за здравство информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. -Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопштија вчера од МЗ.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата е 141.157.
Досега oздравени се 115.433 пациенти, а починаа вкупно 4.182 лица. бт/ац/
   

Остани поврзан