• четврток, 04 декември 2025

Благодарница за дебранец од САД кој донира 50 илјади долари за дебарската болница

Благодарница за дебранец од САД кој донира 50 илјади долари за дебарската болница

Дебар, 24 јуни 2025 (МИА) - Во просториите на Општата болница со проширена дејност во Дебар, на дебранецот, Селаудин Ербели, кој живее и работи во САД, му беше врачена Благодарница за неговиот придонес во зафатите за подобрување на условите во оваа здравствена установа.

-Чест и задоволство ми беше да го дочекам Селаудин Ербели, наш сограѓанин, кој живее и работи во САД од 1968 година. Причината за оваа средба беше да му се заблагодарам од мое и од име на вработените за донацијата од 50 илјади долари што ја даде за проширување и реконструкција на просториите за итна и прва помош во нашата болница, што не е прва донација за нашата установа, рече Мерсим Колеци директор на болницата.

Врачувајќи му ја благодарницата тој посебна благодарност искажа и од жителите на општина Дебар и Центар Жупа, кои со својата дејност ги покрива болницата.

- Продолжуваме секој ден без прекин во подобрувањето на условите и обезбедувањето на квалитетни услуги за пациентите, но и подобрување на условите за вработените, најави Колеци.

Во болницата услуги добиваат и жители од подрачјето на Долна Река, општина Маврово и Ростуше, туристи, поранешни жители и нивни семејства кои живеат главно во Скопје, а во потоплиот период од годината се во населените места од каде потекнуваат и секако печалбарите кои масовно престојуваат во летниот период. вт/ев/

ФОТО: Општа болница

 

Остани поврзан