• петок, 27 декември 2024

Битиќи: По ребалансот ќе има и нови мерки, никој нема да биде занемарен

Битиќи: По ребалансот ќе има и нови мерки, никој нема да биде занемарен
Скопје, 2 ноември 2020 (МИА) - Чекаме да помине ребалансот на Буџетот и ќе излеземе со нови мерки. Сега ќе зборуваме дали нови компании треба да се вклучат во мерките, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и потврди дека парите за четвртиот пакет мерки се обезбедени, а недостатокот по ребалансот, во износ од 100 милиони денари, ќе се обезбеди со домашно задолжување.
-Ребалансот на Буџетот ги тишти сите граѓани, сите се погодени од пандемијата, но и од економската криза. Малку подолго се развлече процесот со ребалансот, но мислам дека утре ќе заврши тоа и за неколку дена ќе ги спроведеме мерките. Извесно е дека штом помине ребалансот ќе се задолжиме кај домашните банки, дел од парите се од еврообрзницата, а има и од другите задолжувања што се случија годинава, рече Битиќи во интервју на телевизија Стар.
Тој најави дека ќе следат кривични пријави за газдите што нема  да им ги дадат парите од мерките на работниците.
-Државата е овде да ги најде сите оние кои ги злоупотребуваат мерките и средствата, и да ги процесуира таквите пријави и да се казнат сторителите. Правевме три различни филтри кои ниту еден стопанствник нема да го поттикнат да ги злоупотребува мерките. Ако не ги искористи парите наменски тој да ги врати, ако не ќе има прекршочна пријава,  потоа и кривична, рече Битиќи.
Покрај мерките со финансиска помош, додаде, имаме и начини како фирмите да дојдат до свежи пари, но не за одржување, туку за развој. Тоа, како што кажа, се паметните решенија, составени од повеќе мерки.
Нагласи дека е подготвен да изгуби од рејтингот само да стигне помошта и до последниот граѓанин
-Понекогаш активностите носат ризик и го намалуваат политичкиот рејтинг, но нам ни е важно да се спроведат мерките во целост и со нив да бидат опфатени што поголем број граѓани и фирми. Никој ова не го очекуваше, дека 100 000 работни места ќе бидат загрозени. Сум одел во кампања, сме ветувале, но некои места нема да имаат водовод и во 2020 и во 2021 година оти сме ги зеле парите од таму за да санираме економски последици. Така може се губи рејтинг на одредено место, но сме помогнале некој да преживее. Затоа велам сите ќе ги слушнеме и секаде ќе помогнеме,без исклучок, сите ни се важни, потенцира Битиќи.
Мораме да сфатиме, посочи,  дека во пандемија е суштински важно да функционира државата, да има систем и ние да сме дел од тој систем.
-Сите сфативме дека ако физичките и правните лица не се во системот, тогаш системот не може да ги препознае и да им помогне. Ако не си регистриран не можеш да побараш помош од Владата затоа што  не може да те најде. Затоа ќе кажам дека во оваа битка ние не сме непријатели со никого, напротив со граѓаните мораме да сме партнери за полесно да ја надминеме кризата, истакна Битиќи. вј/лв/

Остани поврзан