• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи: Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата

Битиќи: Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата
Скопје, 30 јануари 2021 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи попладнево се сретна со претставници на Независната угостителска комора (НУК), со кои разговараше за нивните видувања во однос на досегашната поддршка на стопанството преку имплементацијата на четирите сета антикризни мерки, а дискутираа и за предлогот на новиот, петти сет на економски мерки, кој се очекува Владата да го усвои и објави во периодот кој следи. Битиќи, како што соопштија од неговиот Кабинет, посочи дека Владата уште од самиот почеток, имајќи го предвид глобалното влијание на пандемијата, како и ограничувачките мерки за заштита и превенција од ширењето на коронавирусот, ги детектираше угостителскиот и туристичкиот сектор, како сектори кои имаат негативни последици. Токму заради тоа, додаде Битиќи, Владата досега креираше четири сета на мерки, во кои еден од главните фокуси беше ставен токму на поддршката на угостителскиот и туристичкиот сектор, но и на сите други сектори кои бележеа загуби поради пандемијата. - Владата работи на сетови на мерки кои ќе ја придвижат економијата напред. Во претходните сетови мерки, угостителството и туризмот беа сериозно поддржани, затоа што државата со уредба го ограничи нивното работење. Во моментов факт е дека угостителите имаат можност да работат, секако следејќи ги протоколите кои комисијата за заразни болести ги предложи, а Владата ги усвои. Со тоа што голем дел од угостителите имаа можност и да ја прилагодат својата работа со воведување на достава на производите до своите клиенти. Во време на оваа светска криза, ние сите се прилагодуваме, но она што е начело кое го имаме од почетокот и кое е зад сите политики кои ги носиме, тоа е солидарноста и правичноста при креирање на мерките. Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата,  подвлече Битиќи. Владата, како што нагласи, продолжува да биде посветена на отворен и конструктивен дијалог со сите засегнати страни, што подразбира консултации меѓу чинителите и инклузивен процес при креирањето и донесувањето на економските мерки. Ова е веќе воспоставена практика, која ќе продолжи и понатаму. Средбите на засегнатите чинители со претставници на Владата, се определуваат по соодветни ресори, за да може да се сослушаат сите, чијшто глас треба да биде слушнат. Сите предлози кои се доставени до Владата и ресорните министерства внимателно и темелно се разгледуваат и консултираат меѓу сите економски ресори, а на крај, се донесува одлука на седница на Владата, како колективно тело кое донесува одлуки со консензус по што тие ќе бидат соопштени пред јавноста. -Во духот на отворениот пристап на оваа Влада, ги поканувам сите гранкови комори кои чувствуваат дека не се доволно претставени, да се организираат во тело кое тие сметаат дека е соодветно, за да можеме да ја олесниме комуникацијата и да го зголемиме претставувањето на сите оние кои заслужуваат да бидат слушнати, додаде вицепремиерот Битиќи. Предлогот на петтиот пакет, кој се уште не е финално дефиниран, содржи околу дваесет мерки, кои се таргетирани да ги поддржат најпогодените сектори и граѓани од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и спас на работните места, но и да ги стимулираат компаниите да продолжат да се развиваат и растат. Претседателот на Независната угостителска комората Здравко Јосифовски по средбата изјави дека НУК првпат директно комуницираше со Владата и на некој начин, како што рече, придонесува во носењето мерки за поддршка и помош на угостителската индустрија во земјава. -Имавме скоро цели два часа разговори, дискусии и појаснувања околу нашите барања, како и презентација на пакетот мерки што ги спрема државата. Од нашите пет барања, трите се скоро во целост исполнети, четвртото барање останува да се доработи, а во однос на петтото немаше. Најверојатно месец јануари на некој начин е изгубен во однос на субвенцијата за плати, но државата работи и вложува напори како да ги надомести во наредниот период, изјави Јосифовски. Тој информира дека е договорено да се одржи уште една средба со вицепремиерот Битиќи, а доколку условите не дозволуваат поради протоколите и бројот на учесници, средбата може да се одржи и виртуелно. -Од денеска може да сметаме дека ќе влијаеме и ќе учествуваме активно во сите следни мерки доколку има потреба да се донесуваат. Договорено е во соработка со сите комори, гранкови и останати здруженија во наредниот месец да се формира ново тело, кое еднаш месечно ќе има задача по принципот на четирите стопански комори, да комуницира со Владата, односно со министерот Битиќи се со цел да се работи на унапредување и постигнување подобри резултати и побрзо заздравување на угостителската индустрија, нагласи Јосифовски. Додаде дека задоволни ќе бидат кога реално ќе ги добијат мерките. мд/дма/ https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/2734982830099134

Остани поврзан