• петок, 22 ноември 2024

Битиќи: Младите да развијат иновативни вештини за да ја зголемат вработливоста во услови на дигитализација на економијата

Битиќи: Младите да развијат иновативни вештини за да ја зголемат вработливоста во услови на дигитализација на економијата

Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Како што модерната економија поминува низ транзиција кон поголем акцент на еколошките и дигиталните иновации, младите ќе треба да развијат нови вештини за да напредуваат во овој променлив пејзаж. Вештини кои можат да бидат особено вредни во контекст на новите развојни траектории, а кои се поставуваат пред националните економии во 21 век, порача денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи пред студентите на Економскиот факултет – Скопје.

Битиќи по покана на деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа предавање на тема „Како до поголема вработливост во услови на дигитализација на економијата“.

Вицепремиерот истакна дека развивањето на вештини на дигитална писменост, изразена свесност за животната средина, нагласена креативност и иновативност, флексибилност и приспособливост, комуникација и соработка, претприемачки начин на размислување и финансиска писменост, добиваат сè поголемо значење за зголемувањето на вработливоста на младите и нивниот пристап до пазарот на труд во третата декада на 21-от век.

Битиќи одржа предавање на студентите на Економскиот факултет ФОТО/Влада

-Економските ресурси за развојот на државата ја губат својата материјална основа, дигитализацијата како стожерен процес на Четвртата индустриска револуција побарува да се вкалкулираат сосем нови фактори за успешно креирање и имплементирање на национални развојни политики кои ќе бидат насочени кон создавање на реални шанси за успех и добро платени места за младите. Значењето на дигитализацијата прогресивно се зголемува од земјоделие кон индустрија, од индустрија кон услуги, рече Битиќи.

Тој во своето обраќање оцени дека зголемената дигитализација ја зголемува продуктивноста на трудот и аутпутот, што исто така води кон зголемена потрошувачка поради повисоките реални приходи, пришто надополни дека и зелената транзиција на економијата исто така позитивно влијае на вработливоста на младите.

-Транзицијата кон зелена економија може да помогне во креирањето на пристојни работни места, додека воедно се придонесува за еколошка одржливост на економскиот систем. Младите кои имаат современо образование, развиени вештини и таленти, се во добра позиција, со нивната креативност, па и генијалност, да имаат бенефит од транзицијата кон зелена економија, додаде Битиќи.

Свое обраќање пред студентите имаше и претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајковска, која ја истакна потребата образованието да биде прилагодено на потребите на стопанството.

Битиќи одржа предавање на студентите на Економскиот факултет ФОТО/Влада

-Потребна е брза адаптација на понудата и побарувачката на работна сила, образовните програми треба да се развиваат согласно потребите на економијата во нашата држава, истакна претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајковска.

Трајковска пред студентите рече дека преку поголема пракса во компаниите младите може да го надградат знаењето и со тоа да ја зголемат својата вработливост на пазарот на труд.

Деканот, проф. д-р Предраг Трпески истакна дека дигитализацијата е таа која ја поставува насоката на развојот на економијата, при што пазарот на труд претрпува суштински промени и процеси.

-Со поголемото воведување на процеси кои се потпираат на вештачката интелигенција, голем број на професии ќе бидат под закана да исчезнат, да ги снема од пазарот на труд. Ова е реалност и за нашата држава, затоа треба да дадеме одговор на овие предизвици, рече проф. д-р Трпески.бт/са/



Остани поврзан