• сабота, 23 ноември 2024

Бислимоски: Од секогаш се плаќала мрежарина за потрошена електрична енергија

Бислимоски: Од секогаш се плаќала мрежарина за потрошена електрична енергија
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Не постои никаква нова давачка за електрична енергија. Кога ќе се собере трошокот за електрична енергија на пример за првиот блок и ќе се собере трошокот за мрежарината ќе се добие вкупна цена за електрична енергија како што било претходно. Има само една вистина, а тоа е дека нема никаква нова давачка, туку во новите сметки граѓаните добиваат цена за електрична енергија како продукт и цена за користење на мрежарината. Оваа пракса ја има во сите земји членки на ЕУ, оцени денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски коментирајќи ги шпекулациите што во изминатиот период се појавија за воведување на нова давачка за пренос и дистрибуција. -Откога се наплаќа електрична енергија во Македонија некаде од педесеттите отсекогаш се плаќало за производство на електрична енергија или за набавка доколку имало потреба од увоз, за пренос на електрична енергија за да помине електричната енергија низ преносната мрежа која што е на висок напон од 110 киловолти до 400 киловолти и се плаќало за дистрибуција на електрична енергија. Со последните одлуки на РКЕ нашето законодавство и нашите одлуки ги усогласивме со европската пракса и сега граѓаните добиваат посебна цена за електричната енергија како продукт и цената за секој блок за да знаат колку ги чини електричната енергија и добиваат посебна ставка за користење на преносната и дистрибутивната мрежа, рече Бислимоски на денешната прес-конференција. Посочи дека сите потрошувачи во државата коишто се на слободен пазар од 1 април 2014 добиваат две посебни сметки и немало никаков проблем - посебно за електрична енергија како продукт и посебно за користење на мрежа. -Сега се е исто како претходно, само е издвоено за да имаат потрошувачите информација колку ги чини електричната енергија како продукт и колку ги чини мрежарината. Шпекулациите дека е некоја нова давачка единствено служат за нечиј личен ПР и за лажење на граѓаните, посочи Бислимоски. ЕСМ, како што рече, за потребите на регулираниот пазар особено за домаќинствата дава релативно ниска цена. -Сега граѓаните во своите сметки можат да видат дека евтината тарифа ги чини 10 евра за мегават час како продукт. Тоа што на берзата е  400, 500, 600 евра па имаше денови и 800 нашите граѓани ги чини 10 евра за мегават час евтина тарифа. Прв блок ги чини 71 евро, втор блок 76,5 евра, трет блок 86 евра и екстремно четвртиот блок 229 евра. Кога ќе ги споредите овие цени со тоа што е на берзите има ситуации кога првиот и вториот блок се некаде 10 пати поевтини од тоа што е на берзата во Унгарија, референтна берза за нашиот регион, прецизира Бислимоски. Тој нагласи дека цената за мрежарината пред поскапувањето на струјата се движеше од 1,8 до два денари за напонско ниво LV 2, а сега е 3,37 денари. Делот за пренос на МЕПСО чини околу 0,34 денари.

-Единствена причина за зголемувањето и на преносната тарифа и на дистрибутивната тарифа е набавката на загуби на електрична енергија. Во 2021 загубите се набавуваа помеѓу 50 и 60 евра за мегават час. Со цел да не се предизвика драстично зголемување на преносната и дистрибутивната мрежа во 2022 имајќи во предвид овие загуби се набавуваат на слободниот пазар, ЕСМ како државна компанија на тендерот понуди за загуби во дистрибуција цена од 143 евра за мегават час. Доколку ЕВН ги набавуваше овие загуби на слободниот пазар како што го прави од 1 јануари 2012 цените ќе беа 500, 600, 700, 800 евра и според тие проекции ние што ги направивме до крајот на годината ЕВН доколку ЕСМ не дал електрична енергија за загуби по цена од 143 евра за мегават час електродистрибуција би дала 303 милиони евра повеќе и цената тогаш би била за 106 проценти повисока од постоечката цена. Истото важи и за преносот на електрична енергија, појасни Бислимоски.

Посочи дека мрежарините поскапеа поради тоа што загубите на електрична енергија драстично се зголемија.

-Во делот на останатите трошоци кај МЕПСО не беше прифатен бројот на вработени што го побараа, им беа одземани профити, така што една и единствена причина е тоа – зголемување на цената за набавка на електрична енергија за покривање на загуби во преносната и во дистрибутивната мрежа. Тие загуби се техничка работа и тие загуби мора да ги набават операторите на системите. РКЕ признава загуби во дистрибутивната мрежа од 12,4 проценти иако реалните се повисоки и средства за ликвидност признава како дополнителен трошок 0 денари. Значи, во нашите калкулации кражбите на електрична енергија не се земаат во предвид и не се признаваат и тие одат на грбот на операторот на дистрибутивниот систем на електродистрибуција и на универзалниот снабдувач на ЕВН Хоум, бидејќи ние калкулираме со 100 процентна наплата. Таа енергија што ќе ја купи таа ќе ја продаде и не правиме тука отстапки, потенцира Бислимоски. вј/лв/

.  

Остани поврзан