• среда, 21 мај 2025

Бислимоски за МИА: Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија првпат е поголем од 50 проценти

Бислимоски за МИА: Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија првпат е поголем од 50 проценти

Скопје, 28 април 2025 (МИА) – Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија (ОИЕ) лани првпат е над 50 проценти, вклучувајќи ги и големите хидроелектрани. Од инсталираниот капацитет 55,72 процента отпаѓа на ОИЕ, термоелектраните учествуваат со 34,65 проценти, а когенеративните електрани со 9,63 проценти, истакнува претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во интервју за МИА.

Нагласува дека со новиот закон за енергетика уште повеќе се зголемува независноста на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Бислимоски задно со министерската за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска учествува на 9. Балкански енергетски самит во Атина, а тој во интервјуто за МИА направено пред посетата говореше за новиот Закон за енергетика и како тој ќе влијае врз работата на РКЕ, за минатите и идните предизвици на Комисијата, за чекорите, кои РКЕ ги презема за намалување на загубите на вода во водоводните системи, за влијанието на политиката на Трамп на енергетиката во целост...

Во продолжение следува интервјуто со претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во целост.

Со какви предизвици се соочи РКЕ во изминатата година?

-Првпат во Македонија инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија (ОИЕ) е над 50 проценти, вклучувајќи ги и големите хидроелектрани. Вкупниот инсталиран капацитет е 2.984 мегавати, а само во 2024 година се направија нови 351 мегават исклучиво од ОИЕ, од кои најголем дел се фотоволтаични електрани иако имаше и неколку ветерни електрани. Со тоа 55,72 процента од инсталираниот капацитет отпаѓа на ОИЕ, термоелектраните учествуваат со 34,65 проценти, когенеративните електрани со 9,63 проценти. Во моментов фотонапонските електрани се 28,4 проценти од инсталираниот капацитет во државата, хидроелектраните со 24,13 проценти, а останатите видови на ОИЕ како ветерни електрани се 3,19 проценти.

Карактеристично е што во 2024 домашното производство  на електрична енергија е 6.129 гигават часови и е за 6,47 проценти помало отколку во 2023 година, а во однос на 2022 година е поголемо за 8,79 проценти. Домашната потрошувачка е задоволена со 89 проценти, а увозот на електрична енергија изнесува 11 проценти. Најголем пораст на производството на електрична енергија во 2024 во однос на претходната година има кај фотоволтаиците за 186 проценти и се произведени 853 гигават часови. Во вкупното производство во 2024 година ОИЕ учествуваат со 41 процент, а останатите постројки со 59 проценти.

Во 2024 година пазарот на електрична енергија функционира доста динамично. Имаме 21 активен снабдувач што е исклучително добра бројка споредено со регионот. Со тоа пазарот сам по себе е доволно конкурентен. Радува фактот дека Македонската берза на електрична енергија е единствена берза во регионот каде не се тера некој пазарен учесник задолжително да учествува на берзата, туку сето тоа се базира на слободната волја на пазарните учесници. Речиси 1.000 гигават часови се истргувани преку Македонската берза што е бројка за почит.

Во 2024, како и во 2023 година има стабилизирање на цените на приодниот гас и се далеку пониски отколку во 2022 година и во просек се движат од 45 до 80 евра за мегават час. Тој тренд го имаме и во 2025 година. Во зависност од периодот цените се движат помеѓу 30 и 55 евра за мегават час. Она што е особено битно е дека имаме неколку активни снабдувачи со природен гас. Пазарот се буди - имаме шест активни снабдувачи со природен гас кои продаваат на потрошувачите во државата. Верувам дека овој пазар се повеќе и повеќе ќе се развива.

Во делот на топлинската енергија најинтересно е што топланата Скопје север има нов сопственик, тоа е компанијата „Енерџи еколинк“ која има добиено соодветни лиценци за вршење на производство на топлинска енергија и за снабдување со топлинска енергија. Тие се посветени и работат на привлекување на нови потрошувачи што мислам дека ќе ја релаксира ситуацијата во однос на природниот гас.

Кај пазарот за нафта и нафтени деривати имаме стабилизирање на цените и нема големи скокови и падови. Тоа значи дека имавме вообичаена година, а сега во 2025 година има посериозно намалување на цените на нафтените деривати.

Што ќе биде главниот предизвик за РКЕ во 2025 година?

Според мене главен предизвик во 2025 година ќе биде стабилно функционирање на електроенергетскиот систем. Во Македонија се изградија многу фотоволтаици и многу ОИЕ, тоа е добро и за поздравување, но од аспект на водење на системот и фотоволтаичните и ветерните електрани се непредвидливи во своето производство и поради тоа операторот на електро преносниот систем - МЕПСО треба  да вложува дополнителни напори во однос на водењето на системот. Тоа не е карактеристично само за Македонија, туку е карактеристично за цела Европа. Во велигденскиот викенд имавме ситуација кога се поклопија и католичкиот и православниот Велигден и здружението на европските преносни систем оператори ЕНЦО-И (ENTSO-E)  им даде налог на сите преносни оператори во Европа, вклучувајќи го и македонскиот, да ги преземат сите потребни мерки за да нема испади во системот и да биде избалансиран. И во Македонија беа преземени определени мерки и таму каде што требаше беа исклучувани одредени фотоволтаици со цел да имаме соодветно и стабилно функционирање на системот. 

Македонија во последниве две-три години се карактеризира со намалување на потрошувачката на електрична енергија. Пред се една од причините за тоа е што голем дел од компаниите инвестираа во подобрување во енергетската ефикасност, а голем дел од компаниите поставија и сопствени фотоволтаици на покривите. Тоа ќе биде дополнителен предизвик за операторот на преносниот систем и за операторот на дистрибутивниот систем, но тоа е реалноста. 

Верувам дека во наредните неколку дена РКЕ ќе одобри мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија со кои ќе го поедноставиме поставувањето на батериски системи кај фотоволтаичните  електрани кои се направени. На краток рок за водење на системот ние мора да овозможиме поставување на такви батериски системи. Најдобри за балансирање на системот се хидроелектраните и гасните електрани, но нас ни треба стабилно функционирање на системот веднаш и денес. Поради тоа ќе овозможиме поедноставување на постапките за поставување на батериски системи. При тоа нема да дозволиме инвеститорите да се водат од нивните комерцијални интереси, туку ќе дадеме и одредени насоки и обврска да можат да ги понудат овие батериски системи и складираната електрична енергија во нив и за балансирање на системот. Тоа веќе го прават некои европски земји. Како процес тоа ќе го тераме внимателно и ќе го почитуваме и комерцијалниот интерес на инвеститорите, но ќе им дадеме и одредени задолженија кои ќе мора да ги извршат со цел да му олеснат на системот. 

Стабилен, безбеден и балансиран електроенергетски систем е и во интерес на самите инвеститори. За Велигден нашиот преносен систем беше во комуникација со грчкиот кој уште во февруари објави дека е можен распад на нивниот систем, но и тие преземаа мерки, а и ние преземаме мерки кои подразбираат дека секоја фотоволтаична електрана која ќе постави батерии мора да има можност далечински да биде управувана и од дистрибутивниот систем оператор и од преносниот систем оператор. Треба да се постави соодветна телекомуникациска опрема со која ќе добива  налог како да работи пред се од преносниот систем оператор.

Што прави РКЕ за намалување на загубите на вода во водоводните системи?

-Во 2024 година имаме уште еден процент зголемување на загубите на вода и од 63 дојде на 64 проценти. Тоа е ургентна работа и затоа мора да се промени начинот на функционирање на јавните водоводни претпријатија. Предлагаме РКЕ во целост да ја преземе обврската да ги определува цените за водни услуги со цел согласно нашите методологии да ја тргнеме политиката од целата приказна. Со постојниот закон вообичаено е РКЕ да ја определи минималната и максималната цена, а потоа советите на општините ја определуваат крајната цена по која ќе ја плаќаат водата корисниците. Најчесто тие се определуваат за минималната цена. 

Претпријатијата во 2022 и дел од 2023 година се соочија со големи трошоци за потрошена електрична енергија и така како што е поставен системот не можеме  да влијаеме преку фактори на корекција тие трошоци кои реално не сме можеле да ги предвидиме да ги надоместиме понатаму. Токму затоа предлагаме РКЕ да ја преземе обврската како што правиме во делот на електричната енергија, природниот гас и топлинската енергија – да ја одредуваме цената. Во комуникација сме со здружението на комунални претпријатија АДКОМ и со ЗЕЛС и верувам сум дека ќе успееме во тоа. Со тоа конечно ќе им се даде простор на комуналните водоводни претпријатија при своето работење исклучиво да се водат по економски параметри. Мора да им се даде можност да го оптимизираат своето работење и да ја зголемат својата ефикасност. 

Ние нема да дозволиме постојано да се бара зголемување на цените, тоа може  да биде до одреден дел, но притоа ќе бараме и подобрување на ефикасноста на водоводните претпријатија каде загубите се сериозен проблем. Со инвестирањето во водоводната инфраструктура, која во државата е многу стара и мора да се смени за да се намалат загубите и да се подобри квалитетот на водата со вградување нови посоодветни материјали, сигурен сум дека ќе им се овозможи на водоводните претпријатија да застанат на здрави нозе и да започне да се стабилизира ситуацијата кај нив. Со тоа што ќе почнат да се намалуваат загубите, ќе почнат да се зголемуваат приходите на водоводните комунални претпријатија, бидејќи факт е дека тие се соочуваат и со намалување на потрошувачката на водата поради тоа што во одредени делови на земјава е намален бројот на жители и нема константна потрошувачка. Верувам дека во наредниот период ќе успееме да ги стабилизираме и нив. 

Што ќе значи новиот закон за енергетика за работата на РКЕ?

-Со новиот закон за енергетика уште повеќе се зголемува независноста на РКЕ. Во него е имплементирано европското законодавство, односно четвртиот пакет за електрична енергија и животна средина.

Со новото законско решение се менува концептот за избор на членови на РКЕ. Претходно Владата распишуваше конкурс, па формираше експертска комисија која определуваше листа на кандидати по што ги предлагаше во Собранието. Сега и на барање на Енергетската заедница, Собранието ќе го распишува огласот, а потоа интервјуата ќе ги прави  Комисијата за избори и именување, нешто слично како што правеа за ДКСК.

Во останатиот дел имаме зголемени ингеренции во однос на регионалната соработка и поврзувањето со пазарите. Ни се дава право да потпишуваме договори со соседните регулатори со кои ќе ги поврзуваме пазарите на електрична енергија, како и некои работи во рамките на Бордот на регулаторни тела во Енергетската заедница. Во тој дел во целост е испочитувано европското законодавство и во најголем дел новиот закон во целост го има имплементирано европското законодавство.

Како влијае политиката на американскиот претседател Доналд Трамп на енергетиката во целост?

-Во моментов го гледаме краткорочното влијание. Имавме одлуки со кои паѓаше цената на нафтата и ние за околу шест денари ги намаливме цените на нафтените деривати во изминатите 10-тина дена. Изјавите на Трамп за воведувањето на царините со ЕУ и со Кина предизвикаа пад на цените на нафтените деривати и на доларот, па потоа кажа дека нема да ги воведе. Специфично е што се оди горе – доле и оваа недела конкретно оди горе. Доларот падна на 53 денари, а сега се качува нагоре и дојде до 54 денари. Со тоа краткорочно влијае на цената на нафтените деривати и делумно на природниот гас која падна во рамките на очекувањето.

Долгорочно, најавата дека САД ќе се враќаат на поголемо искористување на јагленот ќе има влијание на енергетиката. Ќе има поголеми инвестиции и како резултат на тоа очекувам да има и одредено намалување на цените на електричната енергија на среден рок на берзите на електрична енергија, бидејќи се огромни резервите на јаглен кои ги имаат САД и се за околу 400 години. Очекувам да вградат опрема која ќе ги исполнува сите критериуми за заштита на животната средина.

По еден период кога се затвораа термоелектраните ќе видиме како сега тоа ќе влијае во Европа и дали ќе се решат за отворање на веќе затворените термоелектрани. Не верувам дека тоа ќе се случи, бидејќи Европа е длабоко навлезена во енергетска транзиција и намалување на нејзината енергетска зависност. Таму каде што може сакаат да го истиснат и природниот гас и го решаваат со обновливи извори на енергија. 

Дали евентуалниот крај на војната во Украина би имал влијание врз цената на природниот гас?

-Очекувам дека ќе предизвика намалување на цената на природниот гас затоа што гасоводниот крак кој поминува низ Украина сега е затворен за другиот дел на Европа. Верувам дека кога ќе се прави договорот за престанување на војната ќе се зборува и за енергетскиот дел и дека можеби повторно ќе се отвори  гасоводот за некои делови на Европа каде е пологично и поблиску да има руски гас. Кога на почетокот на годинава се затвори украинскиот гасовод имаше одредено зголемување на цената на природниот гас, но не драматично. Повеќе влијание на зголемувањето на цената на гасот во европските земји имаше поладната зима.

Валентин Јанковски

Фото: Дарко Попов         

Остани поврзан