• среда, 24 јули 2024

Билтен МВР

Билтен МВР

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Полициски службеници на СВР Тетово, вчеравечер, по преземени оперативни мерки, за само два часа го идентификувале и го лишиле од слобода 33 - годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица за симнување на црковното знаме на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и на негово место поставување на знамето на Република Албанија. Лицето се сомничи дека од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, вчера, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија. Се расчистува случајот и против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице, ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево, вчера го лишиле од слобода Л.Ј.(28) од Кичево поради поседување на марихуана. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага и други предмети. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци лишиле од слобода малолетник од Кавадарци поради кражба. Тој се сомничи дека во слаткарница во Кавадарци одзел паричник од Б.Т.(56) од Кавадарци. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственичката, а со малолетникот, во полициска станица, во присуство на родител и адвокат за  малолетници, бил извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

Полициски службеници на СВР Тетово, вчера, го лишиле од слобода 29 - годишниот тетовец Џ.И., кој бил затекнат при извршување на кражба во подрумски простории во станбена зграда во Тетово. Од него биле одземени повеќе предмети кои ги користел за извршување на кражбата. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Регионалниот центар за гранични работи Југ – Полициска станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран, во координација со јавен обвинител, ќе поднесе кривична пријава против Б.М.(28) и М.Б.(29), двајцата од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На месецов, двете лица отишле во Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран и сакале да го подигнат патничкото возило „ауди“, кое на 19 септември годинава било одземено од Б.М. за докажување сопственост.  Тие приложиле и купопродажен договор со кој сопственикот го продава на М.Б. меѓутоа, од увидот во договорот било забележано дека наместо патничко возило стоел мотоцикл и возилото не им било вратено. Истиот ден, тие однеле нов договор заверен кај нотар, при што било утврдено дека потписот на продавачот се разликувал од потписот во претходниот договор. Исто така, по извршени проверки кај нотарот, било констатирано дека тој нема заверено таков договор, по што било констатирано дека договорот е фалсификуван и против лицата ќе биде поднесена пријавата.

Вчеравечер, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Р.Р.(27) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, вчеравечер на подрачјето на Центар, го лишиле од слобода Р.А.(39) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера на улица „103“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 25 - годишниот К.И. од тетовски Пирок затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На улица „107“ во Тетово, вчера, полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода малолетник од Тетово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Во исто време од слобода бил лишен и 23-годишниот тетовец Б.Ш. поради сомнение дека и тој бил инволвиран во случајот. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово и против нив ќе следуваат законски предвидените поднесоци.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, со што изречена е вкупно 91 мерка. Од вкупниот број мерки, шест се за возење без возачка дозвола, пет мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, четири санкции за недавање првенство на минување на пешаци.

Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 89 возачи. Од нив шест возила се движело со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 54 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 35 надвор од населено место.

Вчера во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот „Мајка Тереза“ во насока од Тетово кон Скопје, во атар на село Ласкарци, скопско, патничко моторно возило „ауди“ со албански национални ознаки, управувано од В.М.(40) од Република Албанија, излетало од коловозот. Од здобиените повреди во несреќата на местото починала сопатничката Е.Т.(24) од Република Албанија, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот В.М. констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Вчера во СВР Скопје било пријавено дека на булевар „Св.Климент Охридски“ во Скопје, патничко моторно возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.З.(38) од Скопје, удрило во пешакот С.И.(36) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Вчера во СВР Штип било пријавено дека на улица „Партизанска“ во Штип, патничко моторно возило „опел мерива“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Т.Л.(51) од Штип, удрило во пешакот С.Е.(20) од Република Турција, со привремен престој во Штип. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Е., констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.   

Вчеравечер во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата од улица „Прилепска“ и улица „Караџова“ во Битола, патничко моторно возило „форд“ со битолски регистарски ознаки, управувано од З.С.(51) од Битола, удрило во пешакот З.С.(38) од Битола. Во несреќата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид извршила увидна екипа на СВР Битола.

Вчеравечер часот во Полициската станица Аеродром, Т.П.(24) од Скопје пријавила дека на улица „Владимир Комаров“ била касната од куче скитник.

Вчера во Полициската станица Аеродром, Е.Д.(66) од Скопје пријавил дека во близина на Железничката станица Скопје бил каснат од куче скитник.

Вчера, во Полициската станица Драчево, Р.Д.(33) од Скопје пријавил дека на улица „Бранко Заревски“ бил каснат од куче скитник. сан/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан