• недела, 22 декември 2024

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски на 77. Интернационален филмски фестивал во Салерно

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски на 77. Интернационален филмски фестивал во Салерно

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) - Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски е избран во официјалната програма на 77. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Салерно, Италија (Salerno International Film Festival).

Како што соопшти режисерот и еден од продуцентите на филмот, станува збор работи за еден од најстарите филмски фестивали во светот основан во 1945 година, веднаш по Втората светска војна. Фестивалот во својата долгогодишна традиција континуирано нуди приказ на новите трендови во светската кинематографија, а за своја главна мисија го има развојот на кинематографската писменост кај публиката.

Фестивалот ќе се одржи од 27 ноември до 2 декември, а „Бизнисот на задоволството“ ќе биде прикажан на 29 ноември во 19 часот. Најдобриот филм ќе ја добие статуетката „Игнацио Роси“ на последната вечер кога ќе бидат објавени наградите за победничките филмови.

„Бизнисот на задоволството“ досега е селектиран на 20 меѓународни фестивали и е добитник на пет интернационални награди.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм. вг/са/

Фото: плакат, МИА Архива

Остани поврзан