• петок, 27 декември 2024

Библиотеката на Комитетот за малцинства во Тирана збогатена со примероци од фото албумот „Народни носии на Македонците во Албанија" 

Библиотеката на Комитетот за малцинства во Тирана збогатена со примероци од фото албумот „Народни носии на Македонците во Албанија

Тирана, 7 август 2023 (МИА) - Претседателот на македонското друштво „Илинден” - Тирана, Никола Ѓурѓај беше во посета на Комитет за национални малцинства, кој е владин орган во кој има по еден претставник на малцинствата признати во Албанија.

Тој се сретна со Марјана Костофски-Фелха, претставничка на македонското малцинство, на која за библиотеката на Комитетот донираше  примероци од Фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“.

- Донирав 30 примероци од фото албумот, кој беше отпечатен благодарение на финансиска поддршка токму од  Комитетот. Веруваме дека овој проект ќе го збогати фондот на литература за Македонците во библиотеката на Комитетот, рече Ѓурѓај.

Фото албумот содржи 12 автентични фотографии со оригинални народни  носии на Македонците кои живеат во сите делови на Република Албанија.

Кон секоја фотографија е поместен текст на македонски и албански јазик, во кој се објаснува потеклото и значењето на носијата. 

- Фото албум со ваква содржина се објавува за првпат во Република Албанија. Го промовиравме на 14 минатиот месец. За мене, за друштвото и за сите Македонци ова е многу значајно нешто, со кое трајно останува вистината за нашата традиционална македонска носија и нашето вековно постоење во многу делови на Албанија, оценува Ѓурѓај кој е и автор.

Исто така, додава, се дава можност со  преубавата македонска  носија да се запознаат и другите. За таа цел дел од примероците ќе бидат донирани во повеќе институции во и надвор од Албанија. вт/мч/

фото:  МД „Илинден"- Тирана

Остани поврзан