• недела, 22 декември 2024

Бесими: Во ниту еден момент никој не кажал дека ќе се намалат платите

Бесими: Во ниту еден момент никој не кажал дека ќе се намалат платите
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - Во ниту еден момент, ниту премиерот, ниту некој друг кажал дека ќе се намалат платите, а тоа не стои ниту во Планот за штедење, но има одредени сектори и колективни договори чии решенија ќе мора да се ревидираат, рече вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими. Според него, во 2023 година, поради кризата, може да забават или да запрат вработувањата во јавниот сектор. На институциите им се препорачува со мобилност (префрлување) да ги пополнуваат празните места. Намалувањето на трошоците во јавниот сектор е многу важно, напомена Бесими, а инфлаторниот притисок мора да се намали. -Има одредени сектори и колективни договори кои се склучени во одредени околности, а отскокнуваат од другите. Мора да гледаме критички во однос на тоа дали таквите решенија се конзистентни. Има загубари, претпријатија од јавен сектор со плати повисоки од оние на владините функцинери, претседателот на државата, на Собранието, на Уставниот суд, што е дисторизја на системот. Притоа, не се работи за успешни фирми, туку за такви кои очекуваат помош од Буџетот. Тие решенија дефинитивно ќе бидат минато и треба да се ревидираат, а Владата како основач на таквите претпријатија сигурно ќе пристапи со најригорозни мерки, истакна Бесими во гостувањето на 24 Аналаиза. На прашањето дали ќе има намалување на платите во однос на мерката 30 отсто од администрацијата повторно да работи од дома за да се заштеди, министерот рече дека тоа ќе зависи од оценката на секоја институција поединечно. -Тоа оставаме на институциите поединечно да го решат.  Значи, зависи како ќе оцени институцијата, зависи од обрвските и законските можности, напомена Бесими. Во однос на владините мерки за штедење кон институциите, Бесими рече дека најголемиот дел од министрите доаѓаат со свои предлози. -Сите се свесни за состојбата, сега останува на секој раководител на институциите да процени колку  средства му се потребни за да ги реализира тековните активности. Не сите институции можат еднакво да ги применат мерките. Институциите сами ќе кажат кои мерки ќе ги применат и со какви резултати за период од три месеци, укажа Бесими, посочувајќи како пример дека значајно е намален бројот на возилата, посебно за амбасадите, иако се тоа едни од основните средства за работа и во такви сегменти, како овој, можно е, најави, да има исклучоци. Кризата, потенцира Бесими, нема да помине брзо, а ефектите допрва ќе се чувствуваат. Проекциите за македонската економија се од 2,9 до 3,1 раст во наредната година. мч/дма/  

Остани поврзан