• вторник, 24 декември 2024

Бериша повика на протести како единствен начин Албанците да гласаат слободно

Бериша повика на протести како единствен начин Албанците да гласаат слободно

Тирана, 5 јуни 2023 (МИА) - Лидерот на побројното крило на опозициска Демократска партија „Иницијатива за обнова на ДП“ воедно и координатор на групата пратеници негови приврзаници, Сали Бериша, на денешната пленарна седница, од собраниската говорница обвини дека изборите на 14 мај биле „срамна криминална фарса“ и повика на масовни протести, како единствен начин Албанците да гласаат слободно.

Според него, на изборите биле користени гласачи фантоми или гласачи кои гласале повеќе од еднаш, двапати или трипати во различни градови, или вкупно 547 илјади, што е речиси половина од оние кои го оствариле правото на глас.

-Во општина Валона такви гласови се 29 отсто од вкупниот број, во Курбин 30 отсто, во Кониспол 34 отсто, во Хас 18 отсто, во Драч 23 отсто, во Скадар 16 отсто, во Девол 20 отсто, во Делвина 34 отсто и така натаму. Токму оваа армија фантомски гласачи беше масовно искористена за манипулација на резултатите од изборите на 14 мај, заедно со други фактори, рече Бериша.

Затоа, повика, како што рече, на протести и само протести за да може да има слободни избори.

-Овде стојам со мојот моќен апел: протести и само на протести. Во спротивно, оние кои се обидуваат да ја оправдаат оваа монструозна кражба на гласови стануваат поддржувачи на криминал невиден во изборната историја. Убеден сум дека стотици илјади идеалисти кои гласаа за опозицијата ќе застанат и ќе создадат можност за слободно гласање. Убедување сум дека стотици илјади идеалисти кои гласаа за опозицијата ќе застанат и ќе создадат можност за слободно гласање, рече тој.

Бериша се осврна и на ситуацијата во Косово, осудувајќи го, според него „усогласувањето на ставовите на Еди Рама со неговиот шеф Вучиќ“.

- На северот на Косово се создаде драматична ситуација. Тука сум да ги осудам срамните секојдневни антиалбански напади на Еди Рама врз премиерот Албин Курти. Рама на криминален начин јавно објави дека Косово избрало војна, а не мир. Има ли поголемо поттикнување на конфликтот од овој повик на Рама во име на Вучиќ во Тирана. Овие напади покажуваат дека тој е антиалбански премиер, роб на својот господар во Белград, обвини Бериша.

Според него иако силно го поддржува правото на владата на Косово да го воспостави законот на целата нејзина територија, исто така повикува „да го земе предвид законот и да ги координира активностите со меѓународниот фактор“. вт/сд/

Остани поврзан