• среда, 25 декември 2024

Бериша отфрли каква било можност Баша да биде на изборните листи на ДП, тој му возврати дека е алатка на Рама

Бериша отфрли каква било можност Баша да биде на изборните листи на ДП, тој му возврати дека е алатка на Рама

Тирана, 6 декември 2024 (МИА) - Лидерот на албанската Демократска партија Сали Бериша, отфрли секаква можност неговиот претходник Љуљзим Баша да се најде на листите на оваа политичка сила на парламентарните избори на 11 мај 2025 година.

На редовната неделна прес-конференција рече дека Баша може да се најде на листите на ДП колку што може да биде и министерот на Социјалистичката партија, Таулант Бала.

-Тука се сите видови на можности. Колку што може да биде Таулант Бала,  на нашите листи, толку и Баша. Двајцата многу се зближија еден со друг. Сијамскиот близнак на Таулант Бала ќе остане со Таулант Бала, изјави Бериша.

Реагираше на Фејсбук, Баша кој, меѓу другото  напиша дека поранешниот премиер „се претворил во алатка на Еди Рама, помагајќи му да го сврти вниманието од коруптивните афери на владата и нејзините врски со криминалот“.

Баша беше најблискиот соработник на Бериша, кој по поразот на изборите во 2013 година се повлече од лидерската функција и на негово место го постави Баша. Односите им се расипаа по прогласувањето на Бериша за непожелен од САД во мај 2022 по што, по барање на тогашната американска амбасадорка Јури Ким, Баша го исклучи од партиските структури, дури ја повлече и одлуката за почесен претседател на партијата. 

Потоа почнаа недоразбирањата во партијата која ја преживува најдлабоката криза. Сепак поголемиот процент од членството и пратениците се со Бериша, кому од судот му го вратија и печатот, логото и лидерското место во судскиот регистар.

Баша сега ја предводи групата ДП- евроатлански демократи и во парламентот има само 7 пратеници, наспроти Бериша кој има 45 пратеници. вт/

Фото: ДП/Баша ФБ

Остани поврзан