• понеделник, 30 декември 2024

Бербок: Се разгледува како може да се вклучи иранската Револуционерна гарда во терористички организации

Бербок: Се разгледува како може да се вклучи иранската Револуционерна гарда во терористички организации
Берлин, 31 октомври 2022 (МИА) - Германија и Европската Унија размислуваат дали да ја прогласат иранската Револуционерна гарда за терористичка организација, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. - Минатата недела јасно ставив до знаење дека ќе покренеме уште еден пакет санкции и оти ќе разгледаме како можеме да ја вклучиме Револуционерната гарда во терористички организации, појасни Бербок за германската телевизија АРД. Таа ја даде изјавата откако шефот на Револуционерната гарда ги предупреди демонстрантите во Иран дека сабота е последен ден за излегување на улиците, што значи оти безбедносните сили може да го интензивираат и така жестокото сузбивање на распространетите немири. Протестите започнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини, уапсена од полицијата за морал. Тоа што почна како револт поради смртта на младата девојка, се претвори во еден од најтешките предизвици за иранското раководство од револуцијата во 1979 година. Претседателот на Парламентот, Мохамад Багер Галибаф се обиде да ја смири ситуацијата. Тој посочи оти луѓето биле во право што повикуваат на промени, како и дека нивните барања ќе бидат исполнети, доколку се дистанцираат од „бунтовниците“ на улиците. - Протестите не ги гледаме само како исправни и причина за напредок, туку, исто така, веруваме дека социјалните движења ќе ги променат политиката и одлуките, под услов да бидат одвоени од насилниците, криминалците и сепаратистите, истакна тој. Германија минатата недела соопшти дека ги заострува ограничувањата за влез за ирански официјални лица, покрај веќе најавениот пакет санкции од Европската Унија. бд/зш/

Остани поврзан